Иванов: Нашиот јазик е наша комплетна татковина

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска упати честитка по повод 24 Мај - Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

- Мисијата на светите браќа беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и да ја пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја. Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација за кои тие се залагаа и денес се основни универзални и европски човечки вредности, се вели во честитката на Иванов.

Давајќи ни писменост, светите Кирил и Методиј, како што е наведено, го ослободија нашиот духовен и творечки потенцијал. Нивното благородно дело во Македонија го продолжија и преродбениците, кои одново ни ја вратија довербата во македонскиот јазик, а со тоа и довербата во нас самите.

- Наша должност кон светите браќа кои ни дадоа азбука, кон учебникарите кои нè образуваа, кон преродбениците кои нè просветлуваа, кон поетите и писателите кои го подмладуваа нашиот јазик, е одговорно да го користиме јавно изговорениот збор. Бидејќи, нашиот јазик е единствената наша комплетна татковина, која и во време на предизвици сме должни да ја чуваме со зборови на сплотеност и почитување, независно од нашите идеи, погледи и ставови. Почитувајќи ги јазикот, писмото и културата градиме заедничка мисија за достоинство и чест за секој граѓанин, стои во честитката на претседателот.

 

 

 

Оцени ја веста

23.05.2015 - 13:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа