Пет нови училишта се приклучуваат кон иницијативата за инклузивно образование

Основните училишта „Кирил и Методиј" од Македонска Каменица, „Видео Подгорец" од Струмица, „Александар Здравковски" од Јегуновце, „Васил Главинов" од Велес и „Коле Канински" од Битола се приклучија на постоечката мрежа на училишта кои вклучуваат и обезбедуваат поддршка за учењето на деца со попреченост, како и на сите други деца со посебни образовни потреби, пренесе МИА.

Наставниците и директорите на петте училишта заедно со претставниците од Бирото за развој на образование, Државиот просветен инспекторат и Ресурсниот центар на родители денеска заедно учествуваа на првата од серијата обуки за инклузивно образование, соопшти канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

Програмата за инклузивно образование, поддржана од УНИЦЕФ, го менува начинот на кој се гледа на децата со попреченост, притоа потенцирајќи ги нивните способности и обезбедување на нивно целосно учество во текот на наставата во училницата, но исто така и во училиштето и животот во заедницата.

Програмата за обука обезбедува докажани пристапи и техники со кои наставниците ќе ги препознаваат различностите и способностите кај децата и ќе го стимулираат нивното учење. Исто така, училишниот кадар добива помош околу изработката на индивидуални планови и соработката со сите други чинители и институции.

- Инклузијата значи многу повеќе од интегрирање на децата со попреченост во редовните училишта, рече Нора Шабани, специјалист за образование од УНИЦЕФ. Инклузијата, посочи таа, значи дека училиштата треба да им помогнат на сите деца, вклучувајќи ги и децата со попреченост, да се здобијат со компетенции и вештини, како и способност да водат исполнет и независен живот.

Пет наставнички од првите инклузивни основни училишта беа модератори на работилницата за да ги сподели своите знаења и искуства. Програмата за обука беше подготвена со активно учество на наставничките факултети, локалните НВОи, Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука.

Целта, како што се наведува во соопштението на УНИЦЕФ, е да се изгради национална мрежа на инклузивни училишта кои ќе ги споделуваат знаењата и наученото и ќе се поддржуваат меѓу себе.

Мрежата на инклузивни училишта до сега вклучува 15 основни училишта ширум земјата. Петте нови училишта беа избрани да се приклучат на иницијативата врз основа на нивните постоечки инклузивни практики и нивниот потенцијал да воспоставуваат врски со локалните инклузивни детски градинки.

Врската помеѓу детските градинки и основните училишта ќе овозможи непречен премин на децата со попреченост од инклузивно предучилишно кон инклузивно основно образование преку соработка со сите вклучени чинители и институции.

Од овие училишта се очекува исто така да бидат лидери и вмрежувачи, за да се постигне сите чинители од разни сектори да работат заеднички за да обезбедат децата со попреченост да го уживаат правото на образование и квалитетен и исполнет живот. 

 

 

Оцени ја веста

22.05.2015 - 14:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега