Кофи: Владата во Скопје не се менува преку улица

Грчкиот национализам и нивната дволичност во преговорите во спорот за името се главната причина за застојот во македонските интеграции, што оставило длабока трага врз Македонија и во голема мерка е причина за денешните политички тензии, пишува Лук Кофи, експерт на американската фондација Херитиџ, во текст објавен од страна на Ал Џезира. Во коментарот се додава дека доколку опозицијата има легитимни критики кон Владата и сака да издејствува нејзина смена, тоа ќе мора да се решава во Собранието и преку избори, а не преку улица.

"Стабилноста на Македонија не е само национално прашање, туку прашање што се одразува на евро-атланските интеграции и на регионалната стабилност. Голем дел од проблемите на Македонија произлегуваат од постојаното грчко вето за приемот во евро-атланските структури. Грција, земја која е целосно зависна од финансиската добра волја на своите европски соседи, ја блокира Македонија поради нејзиното име. Поради грчкиот национализам и дволичноста во преговорите, Македонија е оставена во состојба на постојана евро-атланска неизвесност, што остави и длабока лузна врз политичката психа на земјата", пишува Кофи во коментар кој е дел од растечкиот бран повици на меѓународната сцена со кои од Грција се бара да престане да го блокира македонскиот прием во НАТО и во Европската Унија.

Кофи вели дека Макeдонија е една од ретките успешни приказни кои произлегоа од хаосот на Балканот во 1990ите години, но нејзината актуелна политичка криза се заканува да го дестабилизира регионот. Во својот коментар, Лук Кофи се осврнува на инцидентот во Куманово и на теориите на заговор кои се шират на социјалните мрежи дека нападот бил изрежиран за да се одврти вниманието од протестите на опозицијата. "Тие што го тврдат тоа треба да побараат помош. Албанскиот иредентизам во Македонија постои долго време и има долг историјат на напади во земјата, и се укажува на тоа дека нападот во Куманово е уште еден ваков иредентистички напад", пишува Кофи.

Во текстот објавен на интернет страницата на Ал Џезира се укажува дека Владата прифатила тројца високи функционери да поднесат оставки со цел да се овозможи постигнување на политички договор, но тоа не било доволно да се одоброволи опозицијата. "Непријатен факт за опозицијата е тоа што мандатот на Груевски е солиден. Тој го потврди мандатот на изборите во 2006, 2008, 2011 и 2014 година, секогаш добивајќи мнозинство на гласачите, исто како и неговите албански коалициски партнери. На последните избори Груевски доби 43 проценти од гласовите, наспроти 25 проценти за опозицијата, но и покрај тоа Заев тврди дека изборите не биле фер и го бојкотира Собранието. Тоа е трагична грешка од негова страна. Ниту една Влада не е совршена и нема сомнеж дека многумина во Македонија имаат легитимни политички забелешки кон Владата. Во демократско општество, мирните протести се знак на здрав граѓански сектор. Но, ако треба да има политичка смена во Скопје, тоа може да се случи само преку избори и преку Собранието, а не на улица и преку кампови", заклучува Кофи во анализата

 

 

Оцени ја веста

22.05.2015 - 13:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега