Никовски: Барањата на опозицијата за оставка на актуелната и формирање техничка влада се нереални

Членовите на Граѓанското здружение Македонски манифест, кои денеска промовираа две книги на Факултетот за образовни науки при универзитетот Гоце Делчев-Штип, оценуваат дека големите сили веќе 25 години водат специјална војна кон Македонија, со цел таа да не постои, пренесува МИА.

- Политичката криза во земјава е длабока и широка и ќе трае, бидејќи не може да се премости со една средба меѓу Груевски и Заев, нагласи поранешниот македонскиот дипломат Ристо Никовски.

Според него, барањата на опозицијата за оставка на актуелната и формирање техничка влада се нереални и неприфатливи, бидејќи, како што рече, волјата на народот одредува кој ќе владее, а таа волја може да се промени само на редовни избори.

Никовски забележува  дека и покрај ангажманот на Европската унија за надминување на кризата во државата, сепак, најголемите сили, како што вели, не мислат за доброто на Македонија.

- Брисел се грижи само за своите интереси, а исто така и Вашингтон. Ништо друго не почитуваат и сите тие нивни божемни во наводници напори дека сакаат да помогнат на Македонија почнуваат и завршуваат со нивните интереси. Македонија е една црна точка, црна дамка во нивните политики, бидејќи еве 25 години ништо не постигнале, рече Никовски.

Историчарите, дипломатите и новинарите кои се дел од Македонскиот манифест потенцираат дека во моментов не е прашање дали Владата да поднесе оставка, туку во прашање е доведено постоењето на државата.

Што се однесува за поставувањето бугарска војска на границата заради заштита на Македонците со бугарски пасоши историчарот Стефан Влахов Мицов овој чекор на Софија го оценува како уште еден притисок врз Македонија.

 

Граѓанската организација Македонски манифест во рамки на одбележувањето на 100 години од смртта на Јане Сандански денеска на штипскиот Факултет за образовни науки ги промовираше книгите „Името е нашата татковина“ од група автори и „Улогата на Америка во македонските голготи“ од Ристо Никовски.

 

 

Оцени ја веста

18.05.2015 - 17:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа