Во Охрид превентивни активности за спречување пожари во летниот период

Во пресрет на летната сезона и очекуваните високи температури карактеристични за периодот Секторот за внатрешни работи од Охрид изготви конкретни оперативни планови за зајакнати мерки од превентивен, но и од репресивен карактер за заштита на шумите, пасиштата и другите отворени простори од пожари, пренесува МИА.

Како што истакнуваат од охридската полиција, во спроведувањето на мерките ќе бидат вклучени сите расположливи капацитети и опрема што наменски може да се користи за контрола, превентива и заштита на шумите од пожар, како и да одговори на потребите во случаи на локализирање на евентуално настанат пожар од поголем обем.

Според предвидените мерки, во соработка со територијалната противпожарна единица, ЦУК, ЈП „Македонски шуми“, националните паркови, шумската и граничната полиција, АРМ, Локалната самоуправа, „Црвениот крст“ и другите надлежни субјекти и институции, ќе се следи состојбата на подрачјето во врска со пожарите и ќе се преземаат предвидени мерки за заштита, навремено забележување и информирање за настанат пожар до сите останати релевантни субјекти за координирано преземање натамошни мерки и навремено локализирање на пожарот.

Предвидено е полициски службеници заедно со шумската полиција да спроведуваат превентивни патроли на отворен простор, со цел елиминирање на опасноста од предизвикување пожар и примена на мерките согласно  наредбите од ЈП „Македонски шуми“ за забрането движење во шуми без одобрение односно ограничено и контролирано присуство во шуми. Ќе се врши надзор во претпријатијата што стопанисуваат со шуми, пасишта и на одговорните лица ќе им се укаже за потребата од зајакната контрола на терен за заштита од пожари и примена на законската регулатива.

Исто така, предвидена е интензивна соработка со институциите и на регионално ниво за размена на информации во врска настанати пожари, организирање на дополнителна помош во опрема, техника, сили и средства со цел преземање на заеднички понатамошни мерки.

Посебен акцент е ставен на средби со советодавни групи на граѓани и локални совети за превенција, со приоритетна тема превентивно делување за заштита од пожари на отворен простор и практична реализација на концептот „Соработка помеѓу полицијата и заедницата”. Ќе се реализираат проекти во кои ќе се опфатат мерки за превенција и заштита од пожари со дистрибуција на пропаганден материјал и флаери за едукација, јакнење на свеста за заштита од пожари и информирање на населението. Редовно преку канцеларијата за односи со јавноста ќе одржува контакти со медиумите и до граѓаните ќе се доставуваат информации, ќе се укажува на опасностите од пожар, како и на превентивните мерки кои треба да се преземаат со цел спречување и справување со настанат пожар.

 

 

Оцени ја веста

18.05.2015 - 11:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега