„Наш специјалист“ во Крива Паланка и Виница

Проектот на Министерството за здравство „Наш специјалист“ продолжува во Здравствениот дом Крива Паланка и во Здравствениот дом Виница.

Во Здравствен дом Крива Паланка секоја сабота од 8:00 до 15:30 часот доктори-специјалисти од областа на невропсихијатрија и оториноларингологија, ќе вршат амбулантски прегледи.

Во Здравствен дом Виница исто така секоја сабота специјалист-ортопед и специјалист по оториноларингологија ќе прегледуваат пациенти од 8:00 до 15:30 часот.

Од Министерството за здравство соопштија дека термините во системот „МојТермин“ се веќе отворени и матичните доктори можат да ги упатуваат пациентите на специјалистички прегледи во Здравствен дом Виница и Здравствен дом Крива Паланка.

Според податоците од системот „МојТермин“, изминатиот период од ЗД Виница имало вкупно 2.789 упати за специјалистички прегледи по ортопедија, кои не можеле да се реализираат во градот од причина што нема специјалистичко консултативна амбуланта од оваа област, додека од областа на оториноларингологија вкупно 1.756 упати за специјалистички прегледи во други градови.

Исто така, податоците од „МојТермин“ покажуваат дека во изминатиот период од ЗД Крива Паланка имало вкупно 1.361 упат за прегледи од областа на оториноларингологија и 1.072 упати од областа на невропсихијатрија, за кои пациентите биле упатувани во најблиската општа болница или на скопските клиники.

Проектот „Наш специјалист“ се имплементира како резултат на последните измени на Законот за здравствена заштита, со кои се овозможува Министерството со патен налог да упатува доктор специјалист од една во друга јавна здравствена установа. По извршена анализа на податоците од системот „МојТермин“ се утврдува од кои градови пациентите најчесто се упатувани во други градови за определена здравствена услуга, и врз основа на тоа се детектира во кој град од кои специјалности има најголема потреба.

Имплементацијата на проектот почна на 4 април во Берово и Валандово, каде што веќе е покажан голем интерес за закажување специјалистички прегледи. Само минатата сабота во Здравствен дом Берово се извршени вкупно 32 прегледи на ортопедија и 22 прегледи на неврологија, додека во Здравствен дом Валандово се извршени вкупно 10 прегледи на неврологија. 

Од Министерство за здравство информираат дека почнувајќи од денеска, во Валандово се воведува уште една специјалност – оториноларингологија, за која веќе е ангажиран доктор-специјалист од општа болница Кавадарци и се креирани термини за закажување амбулантски прегледи во системот „МојТермин“. 

 

 

Оцени ја веста

11.04.2015 - 10:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега