Концерт на обновениот битолскиот дувачки оркестар

Центарот за култура - Битола во соработка со Државното средно музичко училиште од овој град вечерва организираат прв концерт на обновениот дувачки оркестар на Битола.

Концертот ќе биде посветен на прерано починатиот Боби Коминовски, професор во училиштето, кој деновиве трагично го загуби животот.

Директорот на Центарот за култура Борче Димитровски информира дека концертот претставува продолжување на една поранешна традиција во Битола, која долги години се негувала, но последниве неколку децении била запоставена.

- Со големо задоволство се вклучивме во прекрасната инцијатива за реобновување на дувачкиот оркестар на Битола. Како институција надлежна за музичко-сценската дејност, одлучивме да го поддржиме дувачкиот оркестар на Битола да одржи концерт во концертна сала и да продолжи успешно да работи како што тоа го прави исто така од нас обновениот, камерен оркестар на Битола. Првиот концерт на обновениот дувачки оркестар на Битола ќе биде посветен на прерано починатиот професор во државното музичко училиште Боби Коминовски, кој како професор на музичарите од класата дувачки инструменти даде голем придонес во оваа иницијатива, изјави Димитровски.

Работата на дувачкиот оркестар на Битола ќе ја координира музичарот и диригент Марјан Бакревски. Во оркестарот членуваат 25 музичари кои ќе изведат повеќе дела од различни светски познати автори.

- На програмата ќе бидат дела од познати автори, композитори, како што се Шуберт, Бетовен, Штраус. Ќе има американска маршовска музика и друг избор од регионот на Чешка, Австрија. Во оркестарот членуваат 20 професионалци и пет аматери. Сите музичари во најголем дел се од Битола, но има и гости од Скопје. Дувачкиот оркестар ги има сите потребни инструменти, а ќе се набавуваат и нови се додека не стигнеме до еден посакуван број од 50-ина музичари, истакна Бакревски. 

 

 

Оцени ја веста

01.03.2015 - 10:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега