Акција за чистење на просторот во индустриската зона Визбегово

Во организација на Градот Скопје и јавните претпријатија, а во соработка со Здружението на стопанственици на индустриската зона „Визбегово”, денеска започна акција за чистење и уредување на просторот во оваа зона, покрај Јадранската магистрала (Качанички пат).

На почетокот на акцијата присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорите на јавните претпријатија “Комунална хигиена” и ”Паркови и зеленило”, Ракип Дочи и Душан Авировиќ, како и поголем број на претставници од Здружението на стопанственици на индустриската зона “Визбегово”.

Во акцијата за чистење и уредување на овој простор се вклучија со луѓе и механизација јавните претпријатија “Комунална хигиена”, ”Паркови и зеленило” и ”Улици и патишта”.

- Градот Скопје посветува големо внимание на индустриските зони во Скопје и оваа акција произлегува од одличната соработка која ја имаме со Здружението на стопанственици на индустриската зона “Визбегово”. Ние редовно одржуваме состаноци со стопанствениците од сите индустриски зони во Скопје и ќе помагаме за нивниот развој во сите области кои се во наша надлежност, рече Трајановски.

Тој додаде дека во акцијата која ќе ја спроведуваат денеска и утре, на терен се активирани три јавни претпријатија со повеќе од 120 луѓе и механизација.

Потпретседателот на Здружението на стопанственици на индустриската зона “Визбегово”, Светлана Пљаковска кажа дека соработката со Градот Скопје е на високо ниво и изрази надеж дека вакви акции ќе се спроведуваат и во иднина.

Во индустриската зона “Визбегово” во моментов има над 250 компании, каде се вработени повеќе од 4.000 лица и истата е најголемата индустриска зона во Скопје изградена со приватен капитал. 

 

 

Оцени ја веста

28.02.2015 - 14:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа