ФОТО: Нова спортска сала во Љубанци - инвестиција вредна 10 милиони денари

Основното училиште „Гоце Делчев“ во село Љубанци доби спортска сала, инвестиција вредна 10 милиони денари, обезбедени од државниот Буџет.

- ОУ „Гоце Делчев“ е едно од најстарите училишта во Македонија во кое немаше спортска сала. Оваа е прва сала од овој вид во регионот на Скопска Црна Гора во општина Бутел, а севкупно четврта спортска сала која Владата ја изгради во оваа општина, рече премиерот Никола Груевски, на денешното пуштање во употреба на салата.

Годинава, најави, ќе почне изградбата на уште 10 спортски сали низ државава. Досега, како што рече, се изградени 77 спортски сали, од кои 33 големи преку Агенцијата за млади и спорт, а 44 поголеми сали преку Министерството за образование и наука. Во тек е и изградбата на уште 18 спортски сали. 

- Веќе следната година бројот на изградени спортски сали ќе изнесува над 100.  Ова го ветивме на изборите, беше барање на граѓаните, а ќе биде од корист и на учениците кои сакаат да спортуваат и оние кои сакаат тука да работат, да тренираат, додаде Груевски. 

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, истакна дека училиштето „Гоце Делчев“ во Љубанци, кое е изградено пред повеќе од 100 години, добива нов спортски објект на површина од 385 метри квадратни, кој ги исполнува сите инфраструктурни стандарди за квалитет и функционалност.  

- Со објектот на сегашните и идните генерации првенствено им се овозможуваат нормални услови за реализирање на часовите по предметот физичко и здравствено образование, како и за спортување и рекреација. Освен теренот и санитариите, со состав на салата е оформена и галерија, како и две канцелариски простории за професорите, рече Ристовски.

 

 

 

Оцени ја веста

27.02.2015 - 15:40
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега