Идниот месец во „Театар комедија“ билетите 100 денари

Со снижување на билетите за претставите, во март годинава „Театар Комедија“ се приклучува кон одбележувањето на Светскиот месец на театарот. Во рамки на кампањата „Во Март насмевката = 100 денари“, билетите ќе чинат 100 денари. 

„Театар Комедија“ за март, кога ќе го одбележи и својот трет роденден, најавува бројни изведби и гостувања, продажба на книги, како и една крводарителска акција. 

- „Театар Комедија“ кој е прогласен за супер бренд во 2014 година, продолжува со својата иновативна приказна на доближување кон публиката, покажување хуманост на дело и желба за афирмација и фокус врз театарот како основа за севкупното културно издигање, соопшти институцијата.

Имајќи ја предвид важноста на македонските автори и потребата за валоризација на нивниот труд, „Театар Комедија“ во фокусот го става режисерскиот опус на Наташа Поплавска и нејзината 20 годишна професионална дејност. Овој настан ќе биде одбележан со циклусот наречен „48 часа со Наташа Поплавска“, во кој на 7 и 8-ми март ќе се играат нејзините активни претстави „Цветната улица“ од Киро Донев, продукција Театар за деца и младинци и Арт Медиа, „Лисистрата“ од Аристофан во продукција на Театар Комедија и Арт Медиа, „Буре Барут“ од Дејан Дуковски во продукција на НТ Војдан Чернодрински, Прилеп, „Госпоѓа министерка“ од Бранислав Нушиќ, продукција на МНТ и Вртелешка, „Како мене Пјаф“ со Фолтин во продукција на Народен Театар Битола и Арт Медиа.

Репертоарот во март ќе биде збогатен со премиера, праизведба на „Нешто пропуштаме“ од писателот Горјан Милошевски во режија на Бојан Трифуновски. Во насока на заложбите скопската публика да ги види претставите на театрите од другите македонски градови, пак, планирани се гостувања - на  Прилепскиот театар со „Буре барут“ и на Народниот театар Штип со „Лулка“.

„Тетар Комедија“ не ги заборава и најмладите. Преку соработката со ОУ „Кочо Рацин“, ќе им овозможи да посетат проба со цел запознавање на театарската магија одблиску. 

Предвидени се и награди за публиката - вредносни ваучери за СПА центарот во Хотел Ресторан Русија. Гостите, пак, на Хотел Ресторан Русија ќе имаат можност да добијат билети за претставите во март.

„Театар Комедија“ во мартовската акција ќе ја вклучи и издавачката куќа LAKRIMA LITERALIS која ќе продава книги по популарна цена.

 

 

Оцени ја веста

26.02.2015 - 23:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега