Новата спортска сала во Вевчани готова во втората половина на март

Новата спортска сала во Вевчани ќе биде пуштена во употреба во втората половина на март, изјави градоначалникот на општина Вевчани Цветомир Угриноски, на денешната прес-конференција најавувајќи ја развојната програма на општината за годинава, пренесува МИА.

- Оваа спортска сала ќе располага со 500 седишта, а нејзината вредност е околу 800.000 евра, обезбедени од Влада на Република Македонија преку министерство за образование и наука, рече Угриноски.

Општина Вевчани, како што додаде тој, годинава ќе добие и нов Генерален урбанистички план.

-Претходниот план беше донесен во 1999 година за плански период од десет години. Процесот на системски трансформации во државата наметнува поинакви урбанистички одговори за просторните потреби. Одржливиот развој ќе биде принципот на кој ќе се поставува планскиот концепт. Целта е да изврши хармонизација на просторните чинители во единствен препознатлив амбиент со дефинирани функции, односно наменски употреби на земјиштето.Поделбата на опфатот и намената на површините ќе се врши во блоковски систем, истакна вевчанскиот градоначалник.

Според него, во првата половина од годинава е планирано да започне да се реализира инвестицијата за изградба на бензиска пумпа на „Макпетрол“, а во второто полугодие, општината ќе работи на планот за управување со Споменикот на природата „Вевчански Извори“.

-Во текот на годинава ќе го реализираме проектот за доградба на канализациската мрежа со кој одделни делови ќе се опфатат со сепарациска канализациска мрежа по што таа ќе се поврзе со постојниот канализациски систем. За овој проект се одобрени средства во висина од 100.000 евра од Европската инвестициона банка преку Министерството за транспорт и врски, рече Угриноски.

Тој потсети дека е изработена и физибилити студија за изградба на скијачки центар на планината Јабланица.

- Оваа година очекувам Владата на Република Македонија да даде зелено светло за изработка на мастер план за ски-центарот на Јабланица, нагласи првиот човек на општина Вевчани.

Осврнувајќи се на досега сработеното, Угриноски потсети дека се изработени проекти за изградба на заобиколен пат околу основното училиште „Страшо Пинџур, спортската сала и детска градинка „Планински цвет“, како и за реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во мулти-функционален објект.

-Изработивме и проект за да го доизградиме кејот на Вевчанска Река, а во завршна фаза е и изработката на проектот за изградба на крак од регионален пат „Вевчанка – Здравствен дом „Светозар Чочороски“. Годинава ќе изработиме основен архитектонско-урбанистички проект за Центарот на Вевчани, а ќе продолжиме со подобрување на патната инфраструктура во општината, најави Угриноски.

На денешната прес-конференција, тој истакна дека во реализацијата на сите проекти кои се клучни за развојот на Вевчани, општината добива огромна поддршка од релевантните сектори од Владата, од Меѓународната заедница, како и од приватниот сектор.

 

 

Оцени ја веста

26.02.2015 - 17:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа