Повеќе патишта под вода - воведени забрани за сообраќај

Излевањето на реките од обилните дождови и топењето на снегот во изминатото деноноќие оштетија голем дел од патиштата, претежно во источна Македонија. Под вода и со одрони се повеќе патни правци, а сообраќајот е во прекин. 

Според Автомотосојузот на Македонија, патниот правец Македонска Каменица-Кочани е во прекин поради одрон на камења и земја, магистралниот пат Делчево-Кочани е пренасочен преку село Бигла поради поголеми одрони кај местото Драките. 

Непрооден за сите моторни возила е локалниот пат кон браната Мантово, поради излевање на реките. Од крстосницата за влез во централното градско подрачје  на Штип сообраќајот е затворен за сите возила. Поради премногу вода во прекин е и сообраќајот на регионалниот патен правец од село Тополчани кон село Клепач, а на регионалниот пат кај местото Глобица во атарот на село Ратавица поради свлекување на брегот и на поголем дел од коловозот. Не се сообраќа ниту на локалниот пат село Ратавица кон село Бунеш  поради поткопување на патот и рушење  на мостот на река Злетовица. 

Сообраќајот е во прекин и на патниот правец село Горни Подлог-село Мојанци, каде е излеана реката Масалница и патот кон село Кучичино поради излевање на Брегалница. Не е прооден ниту региналниот пат Крушево - село Пуста Река, каде за во текот на денот е најавено чистење од страна на екипа на ЈП „Македонија пат“.  

АМСМ информира за прекин на сообраќајот и на регионалниот патен правец село Мало Коњари-Кадино Село, како и Прилеп-Крушево во близина на село Врбјани и помеѓу селата Боротино и Обрашани и Кривогаштани. 

Регионалниот патен правец с. Новаци- Рибарци-Гнеотино-Брод, како и патот од с.Кременица до с. Гремијан се под вода и има поголеми оштетувања, а пред уривање е мостот на реката во село Гремијан.

 

 

Оцени ја веста

02.02.2015 - 13:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега