Груевски: Се прави голема штета на угледот на државата

Го гледав и слушав шефот на македонската опозиција како седи пред мене и со каква гордост, самоувереност и возвишеност ме информира дека соработувајќи со странска разузнавачка служба истата го снабдила со нелегално и противзаконски, противуставно стекнат материјал, делумно монтиран, со цел да оствари некоја своја цел. Ова го истакна денес премиерот Никола Груевски во своето обраќање до јавноста.

Во продолжение прочитајте го интегралниот текст од прес-конференцијата:

-Денес истражните органи на Република Македонија презедоа законски чекори за кои веќе сте информирани од соодветните институции и медиумите.

Чувствувам должност да се обратам пред јавноста и да ја информирам за неколку значајни моменти.

Во периодот помеѓу септември и ноември 2014 година остварив 4 средби со господинот Заев, претседател на СДСМ. Првата средба беше иницирана на негово барање, а понатамошните беа поврзани со првата.

На овие средби господин Заев побара од мене итно формирање на техничка влада и притоа ме информираше дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси од цел државен врв, тргнувајќи од претседателот на државата, парламентот, владата, медиумите и други политички јавни лица од власта и опозицијата.

Го прашав неколку пати дали е сигурен во тоа што го говори и дека е тоа странска разузнавачка служба, на што добив потврдни одговори.

Дополнително, тој раскажа неколку телефонски разговори за кои констатирав дека дел се точни, дел половично точни и дел неточни.

Сепак, фактот дека дел од нив беа точни укажуваше на сериозноста на ситуацијата.

Во наредните денови и недели почна јавно да говори дека поседува таков материјал, што ја засили заканата за нас и кон нас, дека ако не прифатиме формирање на техничка влада ќе почне со објавување на овој материјал.

Го гледав и слушав шефот на македонската опозиција како седи пред мене и со каква гордост, самоувереност и возвишеност ме информира дека соработувајќи со странска разузнавачка служба истата го снабдила со нелегално и противзаконски, противуставно стекнат материјал, делумно монтиран, со цел да оствари некоја своја цел.

Не можев да верувам дека човекот кој претендира да ја води државата не крие дека соработувал со странска разузнавачка служба.

Ми кажа дека со нив имал и серија средби и повторно се наврати на барањето за формирање техничка влада. И за сето ова што го говорам постојат цврсти и непобитни докази.

Денес е поднесена кривична пријава за неколкумина лица, меѓу кои и за лицето ЗЗ за сторено кривично дело „шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.“

Со делата и постапките се прави сериозна штета за државата, се работи за креирано сценарио на кое сите вие сте сведоци од самиот негов почеток, во кое на крај цела држава требаше да биде заложник.

Свесен сум дека многумина ќе речат дека можеби оваа наша постапка не требаше да ја направиме, посебно зашто целата јавност е свесна дека овој човек е најпосакуваниот можен политички противник и партиски гледано најмногу ни одговара тој да продолжи како што си почнал.

Но има некои работи кои ниту еден одговорен човек и политичар во светот не смее и не може да ги игнорира и остава на страна.

Таква работа е интересот на државата.

Ве повикувам да се запрашате што би направил секој од вас кога би бил на мое место?

Во цели 24 години независност на оваа држава, вакво нешто ниту еден политичар, дури ни најконтроверзните, не направиле.

Сакам да го порачам следново: закани и уцени и вакви местенки не прифаќам и не проаѓаат и на сите инволвирани јавно им порачувам дека ние не сме Македончиња туку Македонци.

Ова е голема штета што и се прави на државата по нејзиниот углед и имиџ. Вистинска штета е што овој човек посегна по ваков подмолен начин наместо со работа, идеи, визија и програма.

Сакам да ја информирам јавноста дека ќе одговорам на сите прашања во судската постапка која ќе биде јавна и транспарентна и за домашната и меѓународната јавност и ве повикувам да го следите случајот со внимание и да ги гледате доказите, да ги препознаете шпекулациите и местенките.

Од денес ќе слушате секакви шпекулации, но вистината за се ќе излезе на виделина. За се постојат цврсти докази.

 

 

Оцени ја веста

31.01.2015 - 20:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега