Тачи: Дијалогот Приштина - Белград е добар модел и за Скопје и Атина

Евроинтеграцијата на сите земји од регионот е исклучително значајна, а нивната меѓусебна соработка и промовирањето на заеднички проекти е особено важно за исполнување на аспирациите за членство во ЕУ, оценија министрите за надворешни работи на Македонија и на Косово, Никола Попоски и Хашим Тачи, по денешната средба во Скопје. 

- Косово и Македонија имаат одлични билатерални односи и отворен политички дијалог. Работиме на заеднички инфраструктурни проекти и прекуграничната соработка кои се значајни за нашите зеднички европски амбиции. На средбата ја разгледавме можноста за натамошно уредување на соработката во делот на правдата, образованието, имотно-правните односи, сообраќајот и проектите од значење за поттикнување на инвестициите, изјави Попоски по средбата.

Тој посочи дека денеска во Скопје ќе се потпишат договори за заемна заштита на инвестициите и за соработка на дипломатските академии на двете министерства за надворешни работи.

Најави дека во првата половина од годинава ќе се одржи заеднички состанок на двете влади, а за неколку месеци границата меѓу двете земји ќе може да се поминува само со лични карти.

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Тачи посочи дека Косово се залага за стабилен и мирен регион со јасна европска перспектива.

- Целта на Косово е зачленување во НАТО и ЕУ и токму затоа даваме голема поддршка на напорите на Македонија во насока на нејзината евроатланска интеграција. Заради тоа даваме поддршка на изнаоѓање на решение околу спорот со името со Грција. Како модел за постигнување на договор може да послужат и напорите кои ги прават Приштина и Белград за постигнување на договор.  За постигнување на тоа неопходно е споровите да се остават во минатото и да се гледа кон заедничката иднина, рече Тачи.

Истакна дека Косово го поддржува спроведувањето на Охридскиот договор, кое, како што рече, е во интерес на стабилноста и мирот. 

- Постојано работиме во насока на продлабочување на нашата соработката, но ќе ги зајакниме напорите за зголемување на соработката во поедини сектори и на институционално ниво. Во таа насока е и потпишувањето на двата договори во Скопје, рече Тачи, нагласувајќи дека разговарале и за поблиска соработка за развојот на инфрастуктурата

Прецизира дека Косово веќе започна со изградбата на автопатската делница од Приштина до македонската граница, вредна 600 милиони евра и изрази надеж дека и Македонија наскоро ќе го реализира делот од Скопје до косовската граница.

 

 

Оцени ја веста

22.01.2015 - 13:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа