Гласањето за 37. амандман на Уставот в петок

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски попладнево ја прекина 30 седница и ја презакажа за в петок, откако претходно заврши расправата по ­амандманот XXXVII на Уставот со кој се дефинираат максимумите до кои може да се движат буџетскиот дефицит и јавниот долг.

Согласно ­амандманот XXXVII, дефицитот на државниот буџет не може да го надмине прагот од три проценти, а јавниот долг не треба да биде поголем од 60 проценти од бруто домашниот производ. 

Како што истакнаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ваквото утврдување на фискалните правила е темел за одговорно, транспарентно и наменско трошење на буџетските средства што значи сигурна иднина за следните генерации. 

Според Крсто Мукоски,овој амандман треба да биде Библија за економистите. Ќе овозможи водење стабилна, пребирлива и одржлива макроекономска и монетарна политика, а секоја влада, без разлика на нејзината номенклатура, мора да води грижа за висината на јавниот долг и буџетскиот дефицит.  

- Овој амдман ја трасира економската иднина на Македонија. Владата што ќе го применува, ќе треба и тоа како да води грижа за државните пари, особено при прибирањето на приходите и планирањето на расходната страна. Притоа, и да сака да троши на непорудктивни цели или да ги зголеми даноците, нема да има можност. Оттука, не гледам кој во оваа држава би имал против неговото донесување кога е за добро на сите граѓани и го применуваат сите модерни земји и пазарни економии во ЕУрече Мукоски.

Оценувајќи ги како паушални толкувањата на некои аналитичари кои во јавноста изнесуваа спротивни мислења за амандманот, Мукоски праша - која е нашата цел, да се враќаме назад или да ги следиме современите, модерни европски текови. 

Со утврдување на ваквите фискални правила, се надоврза неговата сопартијка Лилјана Кузмановска, се воспоставува темел за одговорно, транспарентно и наменско користење на буџетските пари. 

- Основна задача и предизвик на секоја одговорна влада е да обезбеди финансиска одржливост на долг рок и да не дозволи да се загрози солвентноста во однос на преземените обврски и плаќањето на расходите, истакна Кузмановска.

Павле Трајанов од Демократски сојуз напомена дека е добро што Македонија одлучи финансиската стабилност да ја регулира со посебни инструменти вградени во Уставот.

- Мора да бидеме претпазливи каде и колку ја задолжуваме дравата и за што ги трошиме парите, порача Трајанов. 

Во претпладневниот дел на 30. седница беа утврдени 33, 34, 35 и 36 амандман, кои се однесуваат на бракот, меѓународните финансиски зони, преименувањето на Народната банка и Државниот завод за ревизија.

 

 

Оцени ја веста

21.01.2015 - 18:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега