Наставници против штрајкот се жалат на закани со исклучување од СОНК

Наставници кои не ја поддржуваат одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за штрајк тврдат дека раководството им се заканува со исклучување од Синдикатот.

Лидија Балџиева, одделенски наставник во ОУ „Димитар Македонски“, која во четвртокот со група наставници-членови на СОНК соопшти дека не го прифаќаат повикот на лидерот Јаким Неделков за штрајк, изјави дека следниот ден претставник на СОНК дошол во училиштето во кое работи и јавно кажал дека таа ќе биде исклучена од СОНК.  

- Сакам да информирам и да апелирам до актуелното наше раководство да престане со притисоците кои на најразлични начини ги врши над нас за да ја поддржиме нивната идеја, што е јасен показател за недемократскиот капацитет на Јаким и желбата по секоја цена да си ја задржи позицијата. Тезата: Или си со Јаким или си против СОНК е неточна и навредувачка. Сите ние сме членови на СОНК  и се гордееме со тоа. СОНК не е Јаким, СОНК сме сите ние, наставниците во Република Македонија. Никој нема право да ја узурпира организацијата за исполнување на сопствените цели и амбиции, рече Балџиева во име на  членови на СОНК кои не се согласуваат со одлуката за штрајк. 

Придружена од други наставници кои не сакаат штрајк таа за медиумите изјави дека нема да дозволат да биде исклучен ниту еден член од Синдикатот.

- Нема да дозволиме и ниту еден наставник, без разлика дали учествува во штрајкот или не, да не му се трансформира работниот однос доколку ги исполнува законските услови. Ниту Јаким, ниту кој било, не може и не смее да биде над законот, рече Балџиева. 

Заканата за исклучување од СОНК, рече таа, е нејзино лично искуство и не може да тврди за  други нејзини колеги.

- Не можам да кажам за некој друг, но овие луѓе околу мене исто така сметаат дека одлуката на СОНК е преуранета и сметаат дека штрајкот е лична одлука на Јаким Неделков, додаде Балџиева која во Синдикатот членува 33 години.  Рече и дека во училиштето каде што работи таа нема наставници што штрајкуваат.

 

 

Оцени ја веста

21.01.2015 - 15:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега