Средба Иванов- Курц: Одлични билатерални односи меѓу двете земји

За натамошно продлабочување на соработката меѓу Македонија и Австрија и за членството на Република Македонија во Европската унија разговарале претседателот Ѓорге Иванов и федералниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Австрија Себастијан Курц.

- Двајцата соговорници констатираа одлични билатерални односи меѓу двете земји, со континуиран политички дијалог и динамична соработка во повеќе области од заеднички интерес. Во тој контекст посебно беше потенцирана добрата соработка во сферата на економијата и инвестициите, а претседателот Иванов ја реафирмираше нашата подготвеност за натамошно продлабочување на соработката во оваа сфера, соопшти Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Македонскиот претседател се заблагодарил на отворената и континуирана поддршка од Австрија за европските аспирации на Република Македонија и изразил надеж дека таа ќе продолжи и во иднина, со цел да се деблокираат македонските интеграциски процеси.

- Претседателот Иванов нагласи дека отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ како најважна цел за Република Македонија, ќе придонесат за засилување на реформските процеси и за поуспешно соочување со предизвиците .Заемен заклучок беше дека европската интеграција на земјите од Западен Балкан е клучен предуслов за трајна стабилност и просперитет на регионот, стои во соопштението. 

Министер Курц истакнал дека стратешки интерес на Република Австрија е целосна интеграција на регионот во евроатлантските структури и дека ќе продолжат со нивната активна улога и заложби за влез на Македонија во ЕУ.

- На интерес на соговорникот претседателот Иванов истакна дека Република Македонија изгради и негува модел на соживот и почитување на различностите кој претставува исклучително позитивен пример не само во нашиот регион туку и многу пошироко, информира претседателскиот кабинет за средбата Иванов - Курц. 

 

 

Оцени ја веста

21.01.2015 - 13:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа