Иванов-Мета: Македонија и Албанија со позитивен тренд во политичките односи

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска го прими претседателот на албанското Собрание Илир Мета, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

Иванов и Мета, како што информираат од Кабинетот на македонскиот претседател, размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, констатирајќи дека политичките односи бележат позитивен тренд на развој, со континуиран и плоден политички дијалог, а се осврнаа и на потребата од продлабочување на економската соработка.

Двајцата соговорници констатирале дека Македонија и Албанија споделуваат идентични надворешно-политички цели во контекст на евроатлантските интеграции, добрососедските односи и регионалната соработка како клучни предуслови за стабилност и просперитет на регионот. Иванов и Мета се согласиле дека парламентарната соработка може дополнително да се развива преку интензивирање на контактите помеѓу парламентарните тела и комисии.

На средбата биле разгледани можностите за соработка меѓу двете земји во контекст на интеграцијата во ЕУ, а од македонска страна било изразено очекувањето за активна поддршка од Република Албанија во однос на членството во НАТО.

Македонскиот претседател и претседателот на албанското собрание ја истакнале потребата од понатамошно унапредување на економската соработка помеѓу двете земји, особено во областа на трговијата, туризмот и инфраструктурата, констатирајќи дека е од заеднички интерес.

На средбата била истакната и потребата за заедничка посветеност за забрзување на реализацијата на тековните инфраструктурни проекти кои вклучуваат патна, железничка и енергетска инфраструктура, во рамките на Коридорот 8. 

 

 

Оцени ја веста

20.01.2015 - 16:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега