СОНК Демир Капија: Манипулација е дека штрајкот на Неделков е борба за нашите работнички права

Членовите на СОНК од Демир Капија не го поддржуваат најавениот штрајк за вторник од страна на раководството на СОНК.

- Чиста манипулација е одлуката за штрајк на претседателот на СОНК Јаким Неделков и луѓето околу него дека наводно се работи за борба за унапредување на нашите работнички права, изјави на денешната прес-конференција Александра Јованова, наставничка, во името на наставниците членови на СОНК.

Актуелното раководство во изминатите речиси четири и пол години, додаде таа, не направи ништо во таа насока, така што повеќе од јасно е дека идејата на оваа одлука е да се изврши лична промоција заради задржување на актуелната позиција и бенефициите кои таа ги нуди.

- Затоа просветните работници од општина Демир Капија се оградуваат од одлуката за блокирање на работата на училиштата и информираме дека во вторник, на 20 јануари, ќе бидеме на своите работни места и наставата ќе се реализира нормално како и досега. Навистина е жално, нечовечки и неетички што дел од нашите колеги, членови на СОНК, ја поддржуваат таквата идеја за бојкот и со тоа безмилосно посегнуваат по правото на децата за образование и едукација, и покрај тоа што многумина од нив се родители и знаат што значи пропуст во едукацијата на своето дете, рече Јованова.

Таа апелираше до раководството и до членовите кои го поддржуваат штрајкот сите натамошни активности за унапредување на правата да ги реализираат преку социјален дијалог со институциите на системот и преку сите останати неискористени механизми, кои, како што рече, неколкупати беа прескокнати, а беше носена одлука за штрајк.

 

 

Оцени ја веста

18.01.2015 - 13:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа