Не е целосно прооден патот Кичево - Охрид

На патот Кичево - Охрид нема завеани возила со луѓе, односно сите се евакуирани во текот на вчерашниот ден. Во моментов се чисти теренот и ќе бидат отстранети сите возила што се на патот, информира министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. 

По состанокот на Кризниот штаб што утрово се одржа во Министерството за транспорт и врски поради снежното невреме, Јанакиески информира дека патниот правец од Скопје кон Велес е прооден и отстрането е возилото што вчера беше превртено на автопатот.

- Патниот правец Кичево - Охрид не е целосно прооден, има неколку возила пред се тешки товарни возила, но луѓето се евакуирани. Во моментов се чисти теренот со повеќе машини и ќе бидат отстранети сите возила што се на патот, истакна Јанакиески.

Најави дека ќе замине на овој патен правец и ќе ги посети Охрид, Кичево и Струга бидејќи овој регион во моментов е најзафатен од невремето.

До сабота не се очекуваат обилни врнежи од снег, но следува студено време до минус 20 степени.

МЕПСО и ЕВН имаат проблеми со напојување на електрична енергија на охридскиот и струшкиот регион и околината на Ресен.

- Од информациите што ги добивме од МЕПСО се работи на терен и очекуваме за час до два системот да биде стабилен, а за три до четири часа населените места да добијат струја, изјави Јанакиески.

Тој ги повика граѓаните сите информации и проблеми да ги доставуваат на бесплатниот број 195 во ЦУК каде ќе биде зголемен капацитетот на отворени линии, а доколку има какви било проблеми на патиштата да пријават на 196 во Авто-мото сојузот на Македонија.

Упати апел до локалните самоуправи активно да ги вклучат своите капацитети и да пристапат кон чистење на локалните патишта, а доколку немаат капацитети да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување.

- Во соработка со Црвениот крст подготвени се околу 500 пакети доколку има потреба, а Агенцијата за стокови резерви во соработка со Министерството за здравство прават пакети со лекови да се подготвиме доколку настане поголемо невреме посебно за викендот што следи, додаде Јанакиески.

На состанокот на Кризниот штаб покрај министерот Јанакиески присуствувал и министерот за одбрана Зоран Јолески, претставници на МВР, ЕВН, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. 

 

 

Оцени ја веста

29.12.2014 - 11:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа