Концерт „Го славиме јубилејот“ на Македонската филхармонија

„Го славиме јубилејот“ е насловот на симфонискиот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи вечерва во Македонската опера и балет во 20 часот.

Концертот е централниот настан кој ќе ја заокружи годинашната значајна прослава - 70 години од основањето на најстарата национална музичка институција во земјава.

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапи под палката на рускиот диригент Дмитри Лис, кој се смета за еден од најдобрите диригенти во Европа од неговата генерација, а како солист ќе настапи виртуозот на пијано, Русинот Борис Березовски, кој критиката го вбројува меѓу најмоќните пијанисти на денешницата.

Публиката ќе има можност да слушне две дела од великанот на руската музика, Петар Илич Чајковски - Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во b-moll, кој се смета за еден од најпопуларните не само од опусот на рускиот композитор, туку воопшто во класичната музика, како и неговата романтична Петта симфонија во e-moll, која е опишана како филозофски автопортрет.

Македонската филхармонија концертната 2014 година ќе ја заврши со уште два значајни настана. На 21 декември (недела) во Универзалната сала во 12 часот, ќе го одржи традиционалниот Новогодишен симфониски концерт за најмладите, кој ќе донесе убава музика и возбудлива приказна. 

На 24 декември, пак, во Македонскиот народен театар во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи празничен џез-концерт со дел од најпознатите џез-нумери аранжирани за оркестар.

Солист на концертот е вокалистката Марија Димитријевиќ.

Новата, 2015 година, Македонската филхармонија ќе ја започне на 7 јануари, со пладневен концерт во духот на најголемиот христијански празник, Божик.

Дмитри Лис од 1995 година е уметнички директор и шеф-диригент на Уралскиот филхармониски оркестар основан во 1936 година, еден од водечките, но и еден од најстарите оркестри во Русија. Дипломирал на Московскиот конзерваториум во класата на Дмитри Китајенко, а по дипломирањето во 1984 година, ќе стане диригент на Симфонискиот оркестар на Кузбас. Ќе биде назначен и за вонреден диригент на Рускиот национален оркестар (1999), а од 1997 до 1999 година и главен руски диригент на Американскиот Руски Младински оркестар. Како гостин диригент настапувал со бројни реномирани европски и светски оркестри и со солисти како Ростропович, Кремер, Плетнев, Березовски, Марсалис, Третјаков, Суванаи...

Рускиот виртуоз на пијаното Борис Березовски (1969) ужива голема репутација во Европа и светот. Студиите ги завршува на Конзерваториумот „Чајковски“ во класата на проф. Елисо Вирсаладзе, а приватно се усовршува со Александар Сац. По неговото деби во Лондонскиот „Вигмор Хол“ во 1988 година, реномираниот весник „Тајмс“ го опишува Березовски како „уметник со исклучително ветување и пијанист со занемувачка виртуозност“. По две години, тој ги докажува своите квалитети на престижниот конкурс „Чајковски“ во Москва, каде што ќе му биде доделен Златен медал. Од тогаш настапува со врвни оркестри, меѓу кои и со Њујоршката филхармонија, оркестарот „Филхармонија“ од Лондон, Ротердамската филхармонија, со диригенти како Курт Мазур, Владимир Ашкенази, Михаил Плетњов, Дмитри Китаенко, Антонио Папано, Густаво Дудамел... 

Со рецитали и како камерен музичар, Березовски настапува редовно на пијано-сериите на Берлинската филхармонија, на амстердамскиот „Концертгебау“ и „Ројал Фестивал Хол“ во Лондон, на „Вербие“ фестивалот или „Ла Рок Д‘Антерон“ фестивалот...  Березовски соработува со истакнати музичари како Џулијан Рахлин, Мајкл Колинс, Ралф Киршбаум, Борис Пергаменшиков... Зад него се бројни аудио записи со изведба на дела од Шопен, Шуман, Рахмањинов, Балакирев, Равел..., а меѓу нив и носачи на звук кои ги вклучуваат сите концерти за пијано и оркестар на Лудвиг ван Бетовен во изведба на Шведскиот камерен оркестар под диригентство на Томас Даусгард, сите концерти на Сергеј Рахмањинов со диригентот Дмитри Лис, или сите трансцендентални етиди на Франц Лист. 

 

 

Оцени ја веста

18.12.2014 - 10:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега