Македонија го одбележува 18 декември - Меѓународен ден на мигрантите

На годинашното одбележување на 18 декември, Меѓународниот ден на мигрантите ќе се зборува на тема „Спасување на животите на мигрантите".

Целта е да се привлече вниманието на светот за растечкиот број мигранти кои ги губат своите животи додека се обидуваат да стигнат до безбедно тло.

Меѓународната организација за миграции - ИОМ, која беше првата организација која во светски рамки го сврти вниманието кон глобалната природа на овие фатални патувања, минатата година за Меѓународниот ден на мигрантите, изготви проценка за бројот на мигранти кои ги загубиле животите во текот на нивната миграциска рута на вода или на копно.

Податоците до кои дојде ИОМ оваа година, за жал покажуваат дека бројката постојано се зголемува и дека 2014 година е најсмртоносната година досега. Конечната бројка која ќе биде објавена кон крајот на декември 2014, најверојатно, ќе ја надмине бројката од 5.000 мигранти кои го загубиле животот, што е повеќе од двојно од 2.378 смртни случаи кои беа регистрирани минатата година.

- Миграцијата - особено ирегуларната миграција - е контроверзна тема во целиот свет и дебатата околу неа премногу често се фокусира околу негативната перцепција на социо-економското влијание кое таа го има во однос на културите и работните места. Оттаму, итно треба да се промени објективот преку кој луѓето гледаат на миграцијата и ни треба вашата помош за да го направиме тоа, велат од ИОМ.

Токму затоа, ИОМ бара, не само од владите, граѓанскиот сектор туку и од меѓународната заедница да преземат поголема одговорност за спасување на животите на илјадници мигранти - мажи, жени и деца кои се впуштаат во опасни патувања по копно и море.

- Неприфатливо е на кое било лице кое бега за да го спаси својот живот да му се негира правото да бара засолниште или спас. Мигрантите бегаат од војната, верскиот екстремизам и природни катастрофи и заслужуваат емпатија и заштита. Придонесот на мигрантите во нивните земји на потекло, како и во заедниците кои се нивен домаќин е огромен, се наведува во соопштението.

По повод Меѓународниот ден на мигранти изјава за медиумите ќе даде шефот на ИОМ - Меѓународната организација за миграции, а ќе се одржи и Регионална работилница за судии и јавни обвинители на тема „трговија со луѓе и кримумчарење мигранти“.

Во 2015 година, ИОМ ќе работи на подигнување на свеста во оваа насока преку кампањата #MyMigrantHero која ќе го прикаже огромниот придонес на мигрантите во земјите каде што живеат. 

 

 

Оцени ја веста

18.12.2014 - 09:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега