ЦД и ДВД издание на ансамблот „Танец“

 Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ по повод 65 години постоење го промовираше првото комерцијално ЦД и ДВД во издание на „Југотон Рекордс“. 

Цедето е компилација од 25 оригинални аудиоснимки (вокално-инструментални композиции изведени од солисти, вокални групи и од оркестарот на „Танец“, а ДВД-то содржи 120-минутен видеоматеријал од 12 концертни кореографии на ансамблот. 

Директорот на „Танец“ Зоран Џорлев денеска на промоција рече дека е среќен што националниот ансамбл во 65 години постоење првпат има комерцијално издание, по идеја на „Југотон“. ЦД-то и ДВД-то се спакувани во едно издание кое се продава по 700 денари. 

- Песните се собрани од архивата на „Танец“ која од година во година се повеќе ја збогатуваме. Во видеоматеријалите имаме кореографии кои се и од постарата и од новата генерација, од прекрасните настапи кои ги имаше „Танец“. Тука има вложено многу љубов и многу енергија. Малку е едно вакво издание за во него да се стави сето она што  „Танец“ го правел во 65-те години, но се надевам дека ова ќе биде прв голем чекор за изданијата на „Танец“ да бидат што повеќе во комерцијална употреба и достапни за јавноста, изјави Џорлев.

„Танец“ утревечер во Македонската опера и балет ќе го изведе завршниот концерт за 2014-та, насловен „Танец  низ времето“, а до крајот на годинава ќе биде промовирана и монографија за националниот ансамбл.

 

 

Оцени ја веста

15.12.2014 - 13:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа