Муцунски: Студентите протестираат сами против себе

Со воведувањето на државен испит, Универзитетите нема да ја изгубат својата автономија, смета докторантот на Правниот факултет Тимчо Муцунски.

Доколку некој студентски протест има своја поставена цел и искрена намера да го унапреди квалитетот на образовниот процес и притоа е ослободен од влијанија на политички притисок несомнено дека може да биде корисен, но доколку било кој собир на студентите се користи како алиби за остварување на некои политичко партиски цели тогаш се поставува и прашањето за неговата оправданост. Токму тука лежи и дилемата кај протестот. Имено, оваа група на млади луѓе создава една парадоксална ситуација. Тие, како и сите други студенти се повикани да земат активно учество во создавањето на овој процес преку јавни расправи кои ќе бидат организирани од страна на Министерството за образование. Оттука, се поставува прашањето за што точно тие протестираат?, вели докторантот Тимчо Муцунски.

„Посебно е клучно тоа што истиве реформи не се однесуваат лично кон овие генерации коишто протестираат. Во оваа ситуација или се работи за протест кој сам по себе е безцелен или се работи нешто што се нарекува политичка опструкција. Ова го толкувам на ваков начин, пред се, бидејќи во легислативниот процес не постои никаква задолжителна обврска за одвивање на јавна расправа. Токму јавната расправа ја покажува желбата на Владата за вклучување на сите засегнати страни во создавањето на еден квалитативно добар реформски чекор“, додава Муцунски.

 

Тој вели дека за студентите, меѓу кои се смета и тој самиот, е подобро наместо на улица, своите забелешки да ги даваат на јавни расправи каде секој може да го истакне својот став на демократски начин. Муцунски додава дека резултатите од спроведеното екстерно оценување се позитивни и очигледно е дека претходно организираните протести против него биле беспредметни.

„Кога станува збор за државниот испит мислам дека неговото воведување ќе внесе дополнителен квалитет во едукативниот процес, ќе ја наметне потребата од унапредување на квалитетот на професорскиот кадар кој ја изведува наставата и секако ќе бара продлабочено внимание на студентите кон материјата која ја изучуваат, ја истражуваат, а подоцна во текот на својот работен век и ќе ја практикуваат. Со тоа образованието ќе ја добие својата цел, а тоа е квалитетен кадар. Тоа е во интерес на студентите, но и на нашата држава во целина. Секој студент, и сегашен и иден, којшто сака поквалитетно образование ќе го поддржи овој процес, тоа за мене е неспорно. Во таа смисла протестот на студентите го сфаќам како протест против самите себе. Полагањето на државен испит би требало да претставува една дополнитена проверка на онаа општа рамка на сознанија од материјата што веќе е совладана во претходниот определен временски период, па со цел да се утврди дали студентот во текот на споменатиот период посветил доволно внимание на содржината на наученото и дали неговиот труд бил реално вреднуван од страна на високо образовната институција. Реалното вреднување е исклучително важен критериум кој истовремено е и стартен основ за определување на идниот развоен пат на студентот, виден како конкурент на пазарот на работна сила, или во рамките на продолжувањето на неговата кариера во научно-истражувачката сфера. Верувам дека прашањата коишто ќе бидат концепирани ќе бараат минимално знаење за основните институти и не би требало да претставуваат дополнителен интелектуален напор на студентите коишто таа материја веќе ја имаат совладано“, објаснува тој.

Курир

 

 

Оцени ја веста

10.12.2014 - 10:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега