VoLte нова услуга на Вип базирана на виртуелизација на мрежна технологија

Зголемените можности на безжичните мрежи, како и мобилните уреди ќе придонесат за зголемено прифаќање на VoLTE, што значајно влијае врз разноликоста на услугите во главните мрежи.  Телеком операторите се под притисок да ги забрзаат инвестициите со цел да создадат услови за користење на овие услуги. Вип оператор е меѓу првите оператори во регионот кој ја презентира оваа услуга демонстрирајќи го VoLTE со комбинирање на ЛТЕ технологија и Виртуелизациска технологија (NFV) на Мавенир. Со оглед на фактот дека VoLTE (Voice over LTE/ Пренос на глас преку ЛТЕ мрежа) и VoWiFi (Voice over WiFi/ Пренос на глас преку WiFi) бара главна мрежа која е способна, скалабилна и униформна, со цел да ги обезбеди услугите на иднината, денес, беше претставен концептот за VoLTE/VoWiFi услугите преку целосно виртуелно решение базирано на NFV (Network Functions Virtualization/ Виртуелизација на мрежни елементи). Овој концепт на NFV и решението на Вип оператор, денеска беше официјално претставен од страна на Гунтер Отендорфер, Главен технички директор на Телеком Австрија Групацијата. На презентацијата беше покажано дека во наредните години корисниците ќе добиваат услуги кои се засновани на виртуелизирана и скалабилна технологија, со што ќе се овозможи целосна искористеност на потенцијалот на корисничките уреди и мрежните капацитети преку едно непрекинато оптимално искуство.

Основата на демото на VoLTE се потпира на стандардот за виртуелизација на мрежни елементи (NFV). NFV претставува нов технолошки тренд кој се состои од стандардизирана работа на разни типови на мрежни елементи на стандардни комерцијални хардверски системи и уреди за чување на податоци. Мрежните функции се софтвер, кој се создава и може да биде активиран од било кој дел од мрежата во зависност од потребите. NFV ја заменува употребата на специјално израдена опрема од страна на производителите, и е отворена за  употреба на истиот начин како и хардверот што се користи и за ИТ системите. Ова значи дека Вип оператор ќе може во иднина поедноставно да конфигурира, пушта во употреба и работи со услугите, со што се зголемува фокусот кон корисникот.

- За Телеком Австрија Групацијата, NFV технологијата претставува промена на парадигмата која ќе има големо глобално влијание врз телекомуникациската индустрија во наредните години. Традиционалниот свет на ИТ поделен во силоси, нема да постои повеќе и телекомуникациското опкружување ќе биде поинаку обликувано. Горд сум со фактот што Групацијата е меѓу првите оператори во светот што ги поставува овие трендови, изјави Гунтер Отендорфер, Главен технички директор на Телеком Австрија Групацијата.   

Истотака, Вип оператор го претстави зголемувањето на покриеноста со својата 4Г ЛТЕ, која сега ги опфаќа градовите Скопје, Куманово, Штип, Охрид, Струмица, Битола, Прилеп, Тетово, Гостивар, Велес, Кавадарци, Кочани и Струга, и продолжува да биде 4Г ЛТЕ мрежа со најголема покриеност во Македонија. 

-  Напредната 4г ЛТЕ мрежа со мобилни уреди кои поддржуваат VoLTE е предуслов за овозможување на технолошки иновации и во иднина да може да се понудат овие услуги за корисниците. Посветени сме и остануваме посветени кон тоа да им ги понудиме најновите технологии на нашите корисници, и затоа постојано инвестираме во подобрување на нашите услуги и системи. Ми претставува особено задоволство што Вип е меѓу првите оператори во регионот кои успешно го тестираат VoLTE, со што придонесуваме кон стратегијата за иновации на Телеком Австрија Групацијата, истакна Никола Љушев, Главен извршен директор на Вип оператор.

Тестирањето на VoLTE/VoWiFi беше направено со комбинирање на ЛТЕ технологијата на Вип и решението за виртуелизација на мрежни елементи (NFV) на Мавенир.  

 

 

Оцени ја веста

09.12.2014 - 15:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа