Законот за регулирање нерегистрирана дејност во собраниска процедура

Намалување на сивата економија, зголемување на бројот на работни места, унапредување на работничките права, сузбивање на нелојалната конкуренција, намалување на затајувањето и евазија на данок и заштита на потрошувачите, e целта на Предлог законот за забрана за вршење нерегистрирана дејност, кој денеска влезе во собраниска процедура.

Тој треба да го спречи вршењето нерегистрирани дејности од поголем обем, а не ги опфаќа работата и услугите во домаќинствата, работата за сопствени потреби, соседската помош и семејната помош, работата во итни и вонредни ситуации...

- Со овој закон кој ги следи позитивните примери од нашето опкуружување и голем број европски земји, сакаме да покажеме недвосмислена борба против сивата економија, да овозможиме поголема заштита на работничките права, да влијаеме на поттикнување на формалната и намалување на неформалната економија, и едноставно за подобри услови за развој на претпријатијата, на зголемување на бројот на пријавени работници за да можат да си го остварат своето право на здравствено осигурување или можност за остварување на семејна или инвалидска пензија, истакна министерот Диме Спасов образложувајќи го законот на седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика. 

Спасов појасни дека со законот се дефинира нерегистрираната дејност како дејност која ја врши правно лице кое не е запишано во посебните регистри утврдени со закон, не поседува законски пропишан акт, вршење на дејност од страна на физичко лице која не е регистрирана кај надлежен орган, како и вршење дејност од страна на физичко лице без да поседува пропишан акт за исполнување на условите за вршење на дејноста, како и кога правни и физички лица вршат дејност спротивно на забраната за вршење дејност изречена од надлежен орган.

- Со законот се утврдуваат и повеќе исклучоци, односно за нерегистрирана дејност нема да се смета работа за сопствени потреби, семејна и соседска помош, продажба на лични и користени предмети, работа која се врши без финансиски надомест или друга материјална корист, работа која не се извршува редовно, изведувањето и презентирањето на творештвото на уметниците. За нерегистрирана дејност нема да се смета ниту дејноста која ја вршат физички лица преку продажни места на организирани зелени пазари кои се регистрирани во УЈП, како и услугите за потребите на домаќинствата, како за поправки, ангажирање куќни помошнички..., истакна министерот за труд и социјална политика.  

Според него, законот треба да ги опфати поголемите неплаќачи на даноци и социјални придонеси, кои индиректно вработуваат други работници за кои не плаќаат никакви давачки, не се осигурани. На таков начин, појасни, освен што ќе се овозможи унапредување на правата на работниците, ќе се создават услови и за намалување на нелојалната конкуренција, но и сивата економија.

Иако, како што рече, стапката на неформално вработените во однос на вкупниот број вработени во државата низ годините опаѓа, таа се уште е висока и изнесува околу 22,5 проценти, односно тоа би значело дека околу 152.000 лица се неформално вработени.

Министерот Спасов посочи дека предложениот закон е изготвен транспарентно, при што се користени искуства на земјите од соседството, но и од Европа. Во постапката на негото изготвување се организирани јавни расправи и за него поддршка дале и синдикатите, организациите на работодавачи, стопанските комори, комората на занаетчиите.

Законот предвидува и прекршочни одредби и казни. Доколку надлежните констираат вршење нерегистрирана дејност да состават записник и да донесат забрана за вршење на дејноста додека не се регистрира кај надлежен орган, во период не подолг од 30 дена. Прекршочните одредби предвидуваат глоба во износ од 10 до 20 илјади евра во денарска противредност за работодавач правно лице кое врши нерегистрирана дејност, глоба во иизнос од 3 до 10 илјади евра за физичко лица кое врши нерегистрирана дејност како и глоба во 2 до 3 илјади евра за работодавач ако овозможува извршување нерегистрирана дејност односно ако е соучесник. 

Законот ќе почне да се применува три месеци по неговото донесување. Тој денеска беше на прво читање на Комисијата за труд и социјална политика.

 

 

Оцени ја веста

09.12.2014 - 14:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа