Груевски: Дисперзираните студии додоа резултати - извонредна можност за илјадници млади

Дисперзираните студии дадоа добри резултати, дадоа можност на многу млади луѓе кои живеат надвор од главниот град со многу помали трошоци без патувања да се запишат и голем дел од нив и да го завршат своето високо образование. Тие беа извонредна можност за илјадници млади луѓе во Македонија и се уште се таква извонредна можност. 

Ова го истакна премиерот Никола Груевски, одговарајќи на прашање на пратеничката Солза Грчева на денешната 23. седница на Собранието на Република Македонија. Посочи дека доколку на некои од нив се детектирале некои слабости, се детектираат или ќе се детектираат треба да се пристапи кон нивно подобрување, исправање и зајакнување, но не и да се нападне целиот концепт на дисперзирани студии. 

- Јас знам само дека на многу млади луѓе им се помогна да се запишат и голем дел од нив да завршат студии. Огромен број од нив можеби немаше да се запишат и да завршат и поинаку ќе им се движеше нивната животна патека доколку не им се отвореа овие дисперзирани студии. Потценувањето на младите луѓе во другите градови надвор од Скопје не е добра работа. Треба да им се даде на сите еднакви можности или колку што е можно и повеќе од тоа. И тоа го прави Владата, рече Груевски.

Појасни дека направиле два чекора во таа насока - еден е дисперзирани студии и втор е намалување на цената на студирањето и на оние што се со партиципација и без партиципација на симболични 200 евра односно 400 евра. На некој начин, посочи премиерот, тоа е субвенционирање на високото образование од страна на државата со што помогна многу поголем дел од луѓето да имаат достапност до високото образование.

- Беше споменато 98 проценти што се запишуваат. Да, во некои години се запишуваат 95, 90, 97 проценти. Нашиот концепт е дека на секого треба да му се даде шанса. Покрај ова, ние организиравме и медиумска кампања која што требаше да ги охрабри младите луѓе. Секој кој чувствува дека има потенцијал да се обиде да се запише и преку труд, преку учење, преку креативност, посветеност да дојде до знаење и до диплома. Постојат во основа два концепта. Едниот каде што стриктно ќе се ограничи бројот на тие што ќе одат на високо образование и едниот каде што ќе се даде широка можност, рече Груевски.

Нагласи дека се определиле за вториот, секој да добие шанса. Затоа, појасни, се зголемија квотите за упис на многу постоечки универзитети и факултети, се отворија нови универзитети во државата, се отворија нови факултети и поголем број дисперзирани студии.

- Сметаме дека секој млад човек треба да добие шанса. Од него понатаму зависи колку и како ќе ја искористи таа шанса. Беше споменато ова и во контекст дека 98 проценти и завршуваат. Тоа не е точно. Значи бројот на запишани и бројот на завршени студенти не е ист и тоа е природно. Нормално е дека сите што ќе се запишат нема и да завршат бидејќи, како што и самата пратеничка кажа, не е секој и способен да заврши универзитет, но државата е таа која што секому треба да му даде шанса дали е тоа според цената, дали е тоа според бројот на квоти или тоа е според далечината, колку што може да го доближи, поевтини и поедностави запишувањето, а не завршувањето, рече Груевски.

Завршувањето, посочи премиерот, зависи од самиот студент, а запишувањето и текот на студирањето, трошоците, патувањето итн., во голема мера зависат и од организирањето на државата.

- Оттука, нашиот концепт е, уште еднаш ќе повторам, да им се даде шанса на што поголем број млади луѓе да се пробаат, да се обидат да направат напор. Кој успеее тоа е добро за него, кој нема да успее барем се обидел, направил некои чекори, увидел каде понатаму треба да се насочи, но шанса му била дадена. И тука имаме разлики, очигледно. Според тоа што го разбрав од излагањето на почитуваната пратеничка, таа не смета дека треба да се има поголем број универзитети, факултети, дисперзирани студии бидејќи смета дека тоа го намалува квалитетот. Јас не мислам дека тоа влијае значително на квалитетот, истакна Груевски.

Укажа дека повеќе намалувањето на квалитетот го гледаат во трката за профит кај одредени приватни универзитети, не кај сите, веројатно, како што рече, некои од нив соодветно си ја вршат својата улога и својата работа, меѓутоа кај некои од нив таа трка за профит доведе до ситуација лесно да се даваат високи преодни оценки на сметка на знаењето.

Според него, тоа не значи дека некаде и на државните универзитети немало такви пропусти во смисла на лесно добивање преодни оценки без доволно знаење, но преовладува повеќе кај оние кај коишто профитот е во преден план. 

Потенцира дека воведувањето државен испит ќе помогне во најмала рака да имаат гаранција дека најмалку секој студент ќе има знаење за преодна оценка. Воведувањето државен испит, истакна премиерот, не е ништо друго освен еден испит повеќе поделен на два дела - првиот дел кој се полага по втората година, а вториот дел по завршување на студиите по дипломирањето.

- Го има во повеќе земји, не е точно дека сме менувале или ретерирале. Отворивме јавна дискусија, кажавме дека сме насочени најмногу кон државен испит и на тоа стоиме и сега, кажавме во кои земји во Европа го има повеќе од сто години уште од времето на Австро-Унгарија, во Полска, Чешка, Словачка, Унгарија и таму никој не прави проблем за тоа. Таму тоа е нормална работа и помага во проверката на знаењето кај студентите. Така што очигледно имаме различни концепти и размислувања, времето ќе покаже кој е во право, рече Груевски.

Нагласи дека нивното размислување е дека треба да се даде шанса на секој млад човек и не само млад, но и на повозрасните за кои ние понудиле концепт да можат да завршат факултет.

- Најмногу од сите овие работи ги правиме за младите да добијат шанса. Секој треба да добие шанса, државата е тука да ја обезбеди таа шанса. И не случајно отидовме на превод на голем број учебници за кои исто така слушнавме несогласувања од страна на пратеничката дека некои до нив биле застарени итн. Во најголем дел овие учебници се од огромна корист за студентите. Може и веројатно со тек време некој од нив и ќе застари, но затоа сме тука како Влада да обновиме некој учебник, но сигурно во најголем дел од студиите е подобро да се учи од овој учебник отколку како што многу често се случуваше претходно од скрипти и од стари учебници, додаде премиерот Груевски.

МИА

 

 

Оцени ја веста

27.11.2014 - 14:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа