Целосно испочитувани европските закони во однос на субвенционирањето на авиокомпаниите

Со детална анализа и со европското законодавство беше спроведена постапката за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници, денеска информираа од Министерството за транпсорт и врски.

Ваквото соопштение дојде по шпекулациите и пишувањата за тоа дека Косово ќе ја тужи Македонија за субвенционирање на авиокомпании.

- Министерството за транспорт и врски, на барање на Министерството за инфраструкура на Косово уште во 2012 година, испрати допис во кој се образложени меѓународните правни норми врз основа на кој се спроведува проектот за доделување на финансиска поддршка за авиопревозници, од каде е јасно дека не е прекршено европското законодавство, наведува македонското Министерство во денешното соопштение.

Оттаму посочуваат дека Уредбата за доделување на финансиска поддршка на домашни авиопревозници и постапката за доделување финансиска поддршка се во согласност со насоките на Заедницата за финансирање на аеродроми и почетна помош на авиопревозници кои оперираат од регионалните аеродроми.

- Владата на Република Македонија и во наредниот период ќе продолжи со имплементирање на проектот за финансиска поддршка на авиокомпании со цел зголемување на бројот на директни летови до европските дестинации и овозможување на попристапни цени за патниците во Македонија, се вели во соопштението.

 

 

Оцени ја веста

25.11.2014 - 12:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа