Полицаецот кој го уби момчето од американскиот град Фергусон нема да биде обвинет

 

 

Во американскиот град Фергусон повторно избувнаа нереди, откако Големата порота одлучи да не биде обвинет полицаецот од Дарен Вилсон за смртта на Мајкл Браун, 18-годишниот Афроамериканец, кој беше убиен невооружен на 9 август.

Одлуката  синоќа ја објави обвинителот на округот Сент Луис, Боб Мекалак. Големата порота, во која биле девет белци и тројца Афроамериканци, заседавала секоја недела од 20 август за да ги разгледа доказите.

За подигнување на обвинение против Вилсон било неопходно за тоа да гласаат најмалку девет поротници. Американското министерство за правда спроведува истрага за евентуалното кршење на граѓанските права којашто би можела да резултира со подигнување на федерално обвинение.

По објавувањето дека полицаецот нема да биде обвинет, демонстрантите во Фергусон излегоа на улица, каде кршеа полициски возила, а можело да се слушне и пукање.

Околу 15 минути откако обвинителот ја објавил одлуката на поротата, локалната полиција преку разглас на собраните пред зградата на полицијата во Фергусон им порачала да се разотидат бидејќи нивниот собир бил незаконски.

Демонстрантите дошле до барикадите и ја предизвикувале полицијата, користејќи и пцости, а некои викале „убиец“.

Некои од демонстрантите, наводно се обиделе да ги спречат останатите во вандализмот и насилството, но сепак неколку дуќани биле запалени и ограбени откако протестите станале насилни.

Во градот утрово горат неколку продавници, вклучувајќи едно складиште, продавница за автоделови и продавница за снабдување на козметички и фризерски салони.

Фоторепортер на агенцијата АП видел како доаѓаат пожарникари кои се вратиле назад без да завршат работа поради пукањето.

 

 

Оцени ја веста

25.11.2014 - 10:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега