ЕП ја подготвува резолуцијата со осуда на говорот на омраза на Шешељ

 

 

 

Европскиот Парламент остро го осудува говорот на омрза на Воислав Шешељ и ги повикува српските власти одлучно да се оградат од неговите изјави, се наведува во работната верзија на резолуцијата, за која пратениците треба да гласаат во четврток, на 27 ноември.

- ЕП најостро го осудува говорот на омрза на Воислав Шешељ и навредите врз жртвите на војната на подрачјето на поранешна Југославија, вклучувајќи ја и неговата срамна изјава на Денот на сеќавањето за жртвите од Вуковар, пишува во работната верзија на документот, во која Танјуг имаше увид.

Како што стои во работната верзија, ЕП од Владата на Србија ќе побара да се дистанцира од изјавите на лидерот на радикалите, во кои тој повикува на прекројување на границите на Балканот и погрдно зборува за другите народи и нивните претставници.

Се уште не се знае како ќе изгледа финалниот нацрт на резолуцијата, што по итна поцедура се изготвува врз основа на минатонеделното барање на хрватските европратеници и веднаш беше ставен во дневниот ред на пленарното заседание на ЕП во Стразбур, а деновиве е предмет на интензивни консултации на пратеничките групи.

Една од работите за која се уште не е постигната согласност е и формулацијата на критиката на сметка на Хашкиот трибунал, кој Шешељ, после 12 години притвор, го пушти на привремена слобода, без пресуда и без забрана за политичко делување.

Додека одделни пратеници бараат на Хашкиот трибунал да му се упатат критики заради лошото водење на постапката, други потсетуваат дека Европскиот Парламент досега постојано го поддржуваше Трибуналот и затоа бараат побенигни забелешки, дознава Танјуг од извори блиски до работната група за изработка на резолуцијата.

Финалниот текст на нацрт резолуцијата ќе биде усогласен до четврток, кога пратениците ќе гласаат за неа.

Шешељ, на кого му се суди заради злосторства против човештвото, неодамна беше пуштен од Трибуналот „од хуманитарни причини“, откако беше утврдено дека боледува од тешка болест, а процесот што се води против него е во застој од процедурални причини.

Лидерот на српските радикал по враќањето во Белград оддржа митинг и даде серија запалливи изјави, а во Хрватска посебно тешко беше примено неговото соопштение во кое на годишница од падот на Вуковар „на српските четници им го честиташе ослободувањето на градот“.

Од Загреб се најавува дека слична резолуција за Шешељ наскоро ќе донесе и хрватскиот Сабор. 

 

 

Оцени ја веста

25.11.2014 - 10:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега