Папата Франциско во Стразбур

 

Дваесет и шест години по посетата на Јован Павле Втори на европските институции во Стразбур, папата Франциско денеска ќе има неколкучасовна посета на Европскиот парламент и Советот на Европа.

Папата најпрво ќе зборува пред претставниците на 28 земји членки на ЕУ, односно европратениците, а потоа во Советот на Европа пред претставиците на 47 земји членки.

Ова е најкуса посета на еден папа во странство, таа ќе трае само неколку часа, но затоа пак безбедносните мерки кои се во моментов во сила досега не се запаметени во европската престолнина.

Силите на редот се присутни во целиот град со посебно засилување во близината на Европскиот парламент и Палатата на Европа, каде може да се дојде само со специјална акредитација и бројни контроли.

Главниот влез на Европскиот парламент е затворен, бидејќи оттука ќе влегува папата придружуван од претседателот на ЕП, Мартин Шулц.

По говорот во Европскиот парламент, тој речиси веднаш ќе замине во Палатата на Европа. каде ќе биде пречекан од највисоките претставници на организацијата, предводени од Генералниот секретар Торбјорн Јагланд.

Во двата говори се очекува папата да побара од земјите од „стариот континент“, да останат и понатаму отворени за странците и да се залагаат за правда во светот.

Со оглед дека станува збор за посета на европските институции, не е предвидена богослужба, ниту пак посета на катедралата на Стразбур која слави илјада години од почетокот на градбата.

Пред европските институции и на патот кој го води папата од аеродромот до нив, засега според снимките кои ги добиваме во прес-центарот има многу малку народ и љубопитници.

 

 

Оцени ја веста

25.11.2014 - 10:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа