ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на навредата на македонските муслимани: Реџепи директно задира во македонскиот идентитет

ВМРО-ДПМНЕ остро реагира и ја осудува изјавата на поглаварот на Исламската Верска Заедница во Македонија, Реисот Сулејман Реџепи со која тој директно ги навреди чувствата и правото на сопствен идентитет на Македонците со исламска вероисповест и го навредува ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение Интегрален текст:

          Недозволиво и крајно неодговорно е поглаварот на ИВЗ во Македонија, Реисот Сулејман Реџепи да дава непромислени изјави и да повикува на верска и  национална омраза. Тоа не му доликува на ниту еден верник, а најмалку на Реисот.

          Припадноста  на еден човек кон одреден народ е детерминирана од неговиот јазик, култура, традиција и чувство за припадност и никој, ниту партија, ниту верска организација, а најмалку поединец не може тоа на вештачки начин да го менува и оспорува.

          Македонците со исламска вероисповест се неотуѓив и неразделлив дел од македонскиот народ. Тие кај себе го зачувале и најубавиот македонски говор и најубавите македонски песни, дел од македонските национални традиции.

          Навредата спрема Македонците Муслимани е навреда за целиот македонски народ, без разлика дали некој по религија е Муслиман или пак е Православен, Католик, Протестант, Евреин, припадник на друга религиозна група или атеист.

          Изјавата на Реисот е пример како не треба да се постапува во општество во кое традициите, вредностите и културните различности се богатство. Жалиме што Реисот покажа дека нему верата му е незначајна, а значајни му се политичките и партиски агенди.

          Реисот треба да разбере дека како што постојат Албанци Муслимани, Православни и Католици, така постојат и Македонци Муслимани, Православни, Католици, Протестанти, Евреи и припадници на други религии, и тие се неодделив дел од македонскиот народ, дел од неговата вековна култура, јазик и традиција.

          Тоа е реалност и факт кој со векови опстојувал и никој не го оспорувал.

          Со оваа навреда, Реисот Реџепи, директно задира во македонскиот идентитет.

          Како поглавар на ИВЗ, Реисот Реџепи треба подеднакво да се грижи за националните чувствата на сите муслимани во Македонија, на Албанците, Македонците, Турците , Ромите, Бошњаците и други и во никој случај да не дозволи тие преку верата да бидат национално асимилирани.

          ИВЗ не им припаѓа ексклузивно на Албанците и не смее да биде инструмент за политизација, бидејќи ако се користи за политички или етнички цели, тогаш ја губи вистинската улога која ја има.

 

          Го повикуваме Реисот Реџепи да се извини за својата изјава и да покаже дека тој е верски поглавар на сите муслимани во Македонија, без разлика на нивната јазична или етничка припадност. Тој треба да е горд на етничките различности кои постојат во ИВЗ, бидејќи верата во Бога е едно, а националното чувство на секој поединец е сосема друго.

 

 

Оцени ја веста

21.11.2014 - 13:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега