Деветнаесет години од Дејтонскиот мировен договор

Со Дејтонскиот мировен договор од 21 ноември 1995 година, официјално е завршена 3,5-годишната војна во Босна и Херцеговина. Договорот беше парафиран од тогашните претседатели на БиХ, Алија Изетбеговиќ, на Хрватска, Фрањо Туѓман и на Србија, Слободан Милошевиќ.

Со договорот парафиран во воена база во Дејтон по тринеделни преговори со посредство на САД, БиХ е поделена на два ентитета - Федерација БиХ и Република Српска. Договорот парафиран во Дејтон, Милошевиќ, Туѓман и Изетбеговиќ официјално го потпишаа три недели подоцна на 14 декември 1995 година во Париз.

Сите тројца потписници се починати. Ориганл документот е загубен, а политичарите во БиХ повторно зборуваат за негова ревизија.

Почина и поранешниот меѓународен пратеник за Балканот и „автор“ на Дејтонскиот договор американскиот дипломат Ричард Холбрук.

Потписниците се обврзаа меѓусебно да ги регулираат односите според Повелба на ОН, Завршниот документ од Хелсинки и други документи на ОБСЕ со меѓусебно почитување на суверенитетот и решавање спорови на мирен наччин.

Првите пет години по потпишувањето на Договорот, секој ноември на меѓународни собири беше одбележувана годишнината од завршувањето на војната во БиХ.

Холбрук кој се смета за главен архитект на договорот, во октомври 2005 година рече во Сараево дека Дејтонскиот договор ја запре војната во БиХ, но дека во него има и некои грешки воглавно, поради негово неприменување. Изминативе години, дел од политичарите во БиХ и меѓународни претставници и институции укажуваат на потреба за ревизија на Дејтонскиот договор.

Високиот претставник за БиХ Педи Ешдаун истакнуваше дека Договорот е основно, но не и конечно решение за БиХ и оти евентуални промени мора да дојдат од самата БиХ.

И негови наследници укажуваа ан неопходност за реформи на Дејтонскиот договор, но и на тоа дека реформските процеси во БиХ целосно се запрени и поради тоа „БиХ денес е најоддалечена од Европа во однос на останатите држави од регионот“.

Пред 9 години во Брисел беше одржана конференција за уставните промени во БиХ на која лидерите на осум најголеми политички партии не успеаја да се договорат за битни измени на Дејтонскиот договор.

Во јуни 2008 година БиХ и ЕУ потпишаа договор за Стабилизација и асоцијација и привремен трговски договор, а во ноември 2010 ЕУ укина визи за државјани на БиХ.

Претседавачот со Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ обелодени во почетокот на 2008 година дека од архивите на тоа тело е изгубен оригиналниот документ на Дејтонскиот договор. Во мај 2011 година беше уапсен еден од најбараните хашки бегалци за воени злосторства во БиХ, командантот на босанските Срби Ратко Младиќ додека четири години претходно во тој суд е испратен претседателот на РС, Радован Караџиќ.

 

 

Оцени ја веста

20.11.2014 - 13:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега