ВМРО - ДПМНЕ: Плоштадот е јавна површина на која канцеларии има и СДСМ

СДСМ се обидува да ја манипулира јавноста. Плоштадот кој треба да се изгради не е во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ или на било која друга партија. Плоштадот е јавна површина која ја користат граѓаните, стои во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ на денешната изјава на Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.

На истиот тој плоштад, се посочува, се наоѓаат и просториите на општинската организација на СДСМ-Центар и на неколку други политички партии, се наоѓаат државни институции и згради на министерства. 

- Плоштадот за кој говори СДСМ до скоро беше запуштено место, а со градењето на овој плоштад, катната гаража и новите објекти ќе се заокружи целосното оплеменување на овој простор. Самиот простор се наоѓа во строгиот центар на градот, на десетици метри од Плоштадот Македонија и улицата Македонија и е крајно неодговорно ваков простор да се остави запуштен, се вели во реакцијата.

Освен овој проект, се појаснува, во Градот Скопје се реализираат и други проекти, а се обезбедени средства и се работи на  изградбата на водоводна мрежа во населбата Шуто Оризари и атмосферската канализација во Скопје.

- Ако СДСМ не беше лицемерен и не се обидуваше да придобие ситни партиски поени, тогаш овие проекти кои ги споменуваат, можеше да ги реализира кога ја имаше локалната власт во Градот Скопје, стои во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ.

Она што СДСМ не може да го прифати,одговараат од ВМРО - ДПМНЕ, е фактот дека во Македонија и во Скопје се гради. Потсетуваат дека сега во Скопје се градат нови плоштади, паркови, но и водоводи, се набавија 313 нови автобуси, се изградија булеварите Илинден, Србија, Борис Трајковски, Теодосиј Гологанов, Климент Oхридски, Трета Македонска Бригада, огромен број други улици, канализации, реконструкција на училишта и уште голем број на други проекти кои се во интерес на граѓаните и кои Скопје го претвораат во вистинска метропола.

11.11.2014 - 14:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега