Работилница за адаптација кон климатските промени

Зачестените поплави и екстремните временски случувања претставуваат доказ за чувствителноста и ранливоста на овој регион од глобалното затоплување, истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски.

Токму затоа, како што нагласи денеска на отварањето на работилницата „Адаптација кон климатските промени“, предмет на анализите на ресорното Министерство се и секторите кои се најчувствителни на промените. Голем дел од тековните активности, според него, се насочени кон постигнувањето на глобално зададената цел - сите држави да се движат кон ниско-емисиони или „зелени“ економии и да ги поднесат своите контрибуции за постигнување на оваа цел до крајот на 2015 година на Светскиот самит во Париз.

- Работиме на анализа на различни сценарија за изградба на „зелена“ економија и резултатите ќе бидат преточени во политички документ кој ќе го усвои Владата пред Самитот. Во нашите национални извештаи се идентификувани најранливите сектори, водни ресурси, биолошка разновидност, земјоделие, шумарство, туризам, културното наследство, здравјето на луѓето,... и се предложени мерки за намалување на нивната ранливост. Но, она што е клучно во адаптацијата кон климатските промени е вградувањето на ова прашање во релевантните секторски стратешки, плански и програмски документи како на национално, така и на регионално ниво, рече Темелковски.

На работилница, која денеска и утре се одржува во Скопје во организација на Светскиот фонд за природа, учествуваат екперти за управување со катастрофи и адаптација кон климатските промени. Работилницата е организирана во рамки на проектот „Парковите на Динарската верига“, кој има за цел создавање платформа на заштитените подрачја што ги поврзува сите паркови на природата и националните паркови од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Словенија и Србија. 

06.11.2014 - 13:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега