Охрид ќе добие дом за стари лица, катна гаража и автобуска станица

Дом за стари лица, автобуска станица и катна гаража се капиталните проекти кои се очекува Охрид да ги добие во следните три години. Советот донесе одлука тие да се градат преку продажба на неизградено градежно земјиште во државна сопственост.

Врз основа на  владината  уредба, почетна цена за продажба на земјиште за изградба на дом за стари лица ќе биде околу 1 400 денари.

- Старечкиот дом ќе се гради на локација на излезот од Охрид, по стариот пат Охрид - Струга веднаш после населбата Далјан на охридското крајбрежје, вели Никола Бакрачески градоначалник на општина Охрид.

Општината смета  дека ова е најдобриот начин за реализација на инфраструктурите објекти и  очекува да има заинтересирани инвеститори.

-  Ние го одбираме оној начин за кој што сметаме дека е најлесен и наједноставен за реализација на вакви инфраструктури зафати кои чинат многу средства и секако тоа треба да соодејствува на постоечкиот интерес на потенцијалните инвеститори, додава Бакрачески.

Со оглед на тоа што во Југозападниот регион во земјава досега  не е изграден  ниту еден дом за стари лица , пензионерскиот дом во Охрид се очекува да ги згрижи пензионерите од  Охрид, Дебарца, Струга и Ресен. Катната гаража ќе го реши хаосот во сообраќајот, а современата  автобуска станица  ќе биде новата слика која достоинствено ќе го претставува Охрид пред туристите. 

 

02.11.2014 - 15:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа