Фрчат казни во Тетово - седнале зад волан во расипани возила

Полицијата при вчерашната акциска контрола на 60 возила - автобуси, такси комбиња и такси автомобили во Тетово забележа 37 прекршоци,  информира портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Според него, 42 од овие возила кои вршат јавен превоз на патници биле упатени на вонреден технички преглед, при што осум од упатените не се јавиле поради што ќе бидат казнети со по 400 евра во денарска противвредност.

- Од останатите прекршоци четири возила биле технички неисправни, пет биле со неисправна или непотполна опрема, во четири случаи имало неносење појас, истечена дозвола била забележана во пет случаи, претовар и неносење на сообраќајна дозвола во по еден случај итн. За санкционирање на прекршоците изготвени се пет покани за наплата на глоба, а за сите други се изготвени платни налози, изјави Јосифовски.

Тој посочи дека ова е втора контрола на автобуси, комбиња и такси возила кои се занимаваат со јавен превоз на патници со иста цел и содржина - за подигање на безбедноста на патниците и воопшто безбедноста на сообраќајот во тетовско.

01.11.2014 - 11:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа