Централниот регистар со нова услуга е - лизинг

Централниот регистар воведува уште една услуга која ќе се реализира по електронски пат. Станува збор за електронско поднесување пријави за регистрација на е-лизинг со кое ќе им се заштедат време и средства на компаниите и корисниците на системот.

Електронскиот систем овозможува целокупниот процес на регистрација на лизингот да се изведе преку компјутер и интернет и нема потреба од доаѓање во Централниот регистар и поднесување на документите во хартиена форма.

Според премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на денешната промоција, новата електронска улуга е во насока на подобрување на бизнис климата во државата и олеснување на секојдневното работење на компаниите. 

- Системот претставува брзо и модерно решение кое предвидува електронска комуникација и плаќање, скратување и поедноставување на процедурата за регистрирање на лизинг и заштеда на време и средства за целата постапка. Верувам дека новиот систем ќе биде од полза за сите компании и целокупната професионална заедница која ќе го користи, истакна Груевски. 

Тој најави дека Владата ќе продолжи со низа активности кои се во насока на подобрување на условите за водење бизнис и континуиран раст на економијата.

- Во оваа насока во изминатите години презедовме серија мерки и крупни реформи благодарение на што севкупната економска кондиција на државата е во добра форма, а тоа е потврдено од бројни меѓународни фактори. Последната од низата добри оценки за земјата стигна од фондацијата Херитиџ, според која Република Македонија и понатаму има најдобра позиција споредено со сите земји во регионот. Добри оценки пристигнаат и од Европската комисија која во неодамнешниот извештај го потенцираше видливиот напредок во делот на економските критериуми за пристап во Европската унија, нагласи Груевски. 

В.Д. директорот на Централниот регистар Андреја Поповски посочи дека системот на е-лизинг е целосно усогласен со останатите електронски услуги што ги нуди Централниот регистар.

- Проширувањето на палетата на електронски услуги е една од главните приоритети во работата на Централниот регистар. Електронските услуги за нас се приоритетни и тие не се важни сами по себе, туку затоа што овозможуваат значителна заштеда на скапоценото време на правните субјекти, како и заштеда на средствата поврзани со добивањето на крајниот производ од услугата, рече Поповски. 

Дополнителна предност на системот е тоа што тој овозожува целосно водење на постапките за упис, за промена и бришење во регистарот за лизинг по електронски пат без потреба да се доаѓа во канцелариите на Централниот регистар. 

Досега во Централниот регистар се воведени систем за онлајн поднесување на годишни сметки, систем за издавање електронски потврди, регистар на задолжници, систем на електронска регистрација во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица и електронска аукција

22.10.2014 - 14:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега