Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на терен со граѓаните - ќе посетат 408 населени места

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во последните неколку недели спроведува опсежна теренска активност. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ започнаа директни посети по сите населени места во Република Македонија.

Следува интегрален текст од прес-конференцијата на Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Дваесет тима составени од пратеници имаа план за посета на точно 408 села, односно населени места во државата.

Денес со мене, на оваа прес конференција се присутни носителите на тимовите кои секој викенд се присутни низ различни населени места во регионот и изборната единица од која се избрани.

Спроведувањето на оваа активност веќе се спроведува бидејќи пратеничките тимови веќе завршија со посета на 252 села, односно населени места.

Целта на овие посети е да се задржи контактот со граѓаните, да се добијат директни и точни информации од тернот, да се разговара за проблемите и да се пронаоѓаат решенија.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ целосно е посветена на исполнување на програмата и ветувањата со кои сме избрани на послените избори, но во исто време, свесни сме за потребата од континуирано проверување и подобрување на приоритетите и нивната реализација.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има зацртана цел да спроведува и пронајдува различни и нови методи за континуиран контакт со граѓаните. Ние немаме намера својата работа да ја работиме далеку од очите на граѓаните. Пратениците на нашата пратеничка група, без да прават разлика дали се наоѓаме во предизборен период или не, ќе стојат на располагање на граѓаните за било какви предлози, сугестии, идеи, забелешки и критики.

Можеби полесно е да бидеме затворени во собраниската сала или уште повеќе лесно би било воопшто да не доаѓаме на работа, но ние одлучивме дека ќе го избереме одговорниот начин на вршење на оваа обврска. Се обидуваме да воведеме нови стандарди во извршување на функцијата пратеник во нашата држава, стандарди кои се присутни во поразвиените демократии.

Средбите во населените места се без исклучок за сите граѓани без разлика на нивната партиска, етничка или религиска припадност. Ние се сретнуваме со сите, и со оние кои не поддржале нас, и со оние кои гласале за други политички опции, но и со оние граѓани кои воопшто не гласале. Поканите се дистрибуираат без исклучок.

На средбите ширум државата се разговара за секоја тема која ги интересира луѓето. Сме зборувале и за национални теми, за локални и месни проблеми, за прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, но и за проблеми за кои се одговорни извршната и локалната власт.

Сите прашања кои се во надлежност на Собранието ќе бидат опсежно разгледани од страна на пратеничката група и за сите нив за кои ќе најдеме начин за решавање ќе бидат процесуирани во форма на пратенички прашања, автентични толкувања, амандмански интервенции во законите кои се во процедура или во предлози за измени и дополнувања на законите. Впрочем, низ дискусијата за носење за Буџетот на Република Македонија за 2015 година забележавте дека нашите пратеници детално и прецизно се осврнуваа на десетици проекти од регионално, општинско или локално значење. Во исто време, би сакал да најавам, дека најголем дел на пратенички прашања кои нашата група ќе ги постави до Владата на Република Македонија на следната седница најавена за таа цел ќе бидат токму врз база на информациите добиени од граѓаните и врз база на потребите и барањата кои тие ги пренеле до нас низ овие посети и средби.

За сите прашања кои не се во надлежност на пратениците и на Собранието на Република Македонија се грижиме да бидат информирани надлежните државни и локални органи. Информациите директно ги доставуваме до министерствата или до Општините низ Македонија и за сите прашања кои се реални и за кои може да се пронајде начин за решавање ќе ја следиме постапката до крај. Пратениците од нашата група веќе одржаа повеќе директни средби со Градоначалници и со раководители на државни органи со цел понатамошно проследување на потребите на граѓаните.

Ние сме свесни дека не е возможно да се даде позитивен одговор на секое прашање, ниту пак да се реши секој проблем, но со силно темпо и посветена работа ќе покажеме дека сме заинтересирани да помогнеме и да бидеме блиски до граѓаните.

Ги охрабрувам граѓаните да ја искористат оваа прилика и да не се воздржуваат при пренесување на своите ставови и прашања до нас. Нашата работа подразбира блискост со граѓаните.

22.10.2014 - 13:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега