Белгија на водечко место по бројот на џихадисти

Белгија во однос на бројот на жители е на прво место во Европа по бројот на млади сили кои се придружиле на џихадистите во Сирија и во Ирак, соопштија денеска белгиските власти.

Меѓу 3.000 Европејци кои се борат на страната на групата Исламска држава, повеќе од 10 проценти се белгиски државјани, пред се втора генерација на Мароканци и Турци кои живеат во Белгија.

Хари Бонте, градоначалник на Виливорде, мал град во близина на Брисел со бројна муслиманска популација, изјави дека само од неговиот град 27 тинејџери заминале во џихад, од кои и две девојчиња на 14 и 15 години.

Тој наведе дека зад тоа стои добро организирана мрежа терористи кои ги индоктринираат младите муслимани, а потоа преку Турција ги префрлаат во Ирак и во Сирија.

- Само со координирана работа на цела заедница, во која треба да се вклучат родителите, наставниците и верските лидери, може да се спречи овој тренд, оцени Бонте.

Имамот на локланата џамија Мимун Акишу изјави дека малку може да се направи за да се спречат младите лица да одат во џихад кога еднаш ќе паднат под терористичка пропаганда.

- Тие ги привлекуваат со видео-снимки на кои вооружени џихадисти се возат со големи џипови и изгледаат како господари на своите животи, а не кажуваат дека зад сето тоа е валкана војна во која лесно се губи главата, истакна Акишу.

Тој објасни дека најчеста мета на џихадистите се младите лица кои имаат проблеми со дрога или алкохол и кои се несигурни во својот идентитет.

- Понекогаш се доволни неколку месеци за индоктринација, а потоа е доцна што било да се направи, рече Акишу.

Белгија има нешто повеќе од 11 милиони жители, од кои над десет проценти се со потекло од Мароко и од Турција.

22.10.2014 - 11:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега