Пратеник на Нова демократија бара одговор од Венизелос за името

Пратеникот на владејачката Нова демократија Никитас Какламанис бара информации од министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос во врска со случувањата околу прашањето за името на Македонија.

Повикувајќи се на последните извештаи во некои македонски и грчки медиуми кои јавија дека медијаторот Метју Нимиц има нов предлог за името, Какламанис писмено прашува дали Венизелос знае за написите, дали скоро комуницирал со Нимиц во врска со развојот на настаните во процесот за решавање на името и какви чекори ќе преземе грчката Влада во врска со написите во македонските медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, очигледно, до пратениците на грчката владејачка партија се уште не стигнала изјавата на портпаролот на Нимиц за македонските медиуми дека медијаторот нема нов предлог.

За разлика од другите помали политички партии, како на пример Независни Грци, кои прашањата за името ги упатуваат на адреса на премиерот, владејачката Нова деморкатија одговорноста за ова прашање ја префрла на Венизелос и од него го бара официјалниот став на Владата на Самарас.

Во позадина на ваквите прашања, меѓу другото, лежи и загриженоста поради се почестите ијави на европски дипломати дека Македонија треба да ги почне пристапните преговори со Унијата, а името да се решава паралелно.

Грчките медиуми и претходно јавија дека некои партнери на Грција во Европската унија, меѓу кои и Белгија, ја разгледуваат можноста Македонија да почне преговори со ЕУ, а паралелно да се решава и името во рамките на ОН. 

МИА

22.10.2014 - 10:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа