Еве колкава штета направија поплавите во Чешка

Додека во северниот и северозападниот дел на Чешка, во местата по текот на реката Лаба, луѓето се уште се борат со надојдената вода, во поголемиот дел од земјата веќе започна чистење и отстранување на последиците.

Како што јави дописникот на МИА од главниот град Прага, луѓето се враќаат во своите домови, ги расчистуваат поплавените предмети и најголем проблем имаат со калта која по извесно време се стврднува и тешко се отстранува.

- Дури кога ќе се повлече водата, ќе се покаже правиот пекол. Пола метар кал, делови од дрвја, скршени стакла на прозорци. Никој не знае, што има под водата, но претпоставуваме од претходните поплави, вели за весникот „Право" Мартин Крижек, кој се пријавил како пожарникар доброволец.

 Во дворовите на поплавените куќи и во внатрешноста има ѓубре, остатоци од дрвја, мебел и други остатоци. Оштетените граѓани ги пријавуваат штетите и поднесуваат барања за испумпување на водата од нивните имоти.

Според пожарникарите, поплавите зафатиле 700 општини, а осигурителните компании претпоставуваат дека штетата ќе изнесува до четири милијарди евра.

Министерството за финансии донесе одлука, на луѓето и фирмите кои се оштетени од поплавите годинава да им избрише дел или цел данок од доход.

Градоначалниците на општините погодени од поплавите ќе добијат упатства како ќе можат да ги пријават штетите, а луѓето имаат право на надомест до 2.000 евра. Средства се обезбедуваат и преку хуманитарни организации и доброволни прилози.

Полицијата, во најзагрозените делови забележала зголемен број на кражби. Во Устецкиот крај и натаму без струја се 7.500 домаќинства, а околу 1.900 корисници се без плин. Во Прага, постепено се пообрува сообраќајот, трите линии на подземната железница се во функција со исклучок на неколку станици во близина на реката Влтава.

 

 

најчитано сега