Орав: Неопходно е обновување на политичкиот дијалог

 

Различна диоптрија за Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија во 2014 година на денешната заедничка седница на Националниот совет за евроитеграции и комисиите за надворешна политика и за европски прашања посветена на Извештајот. 

Шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Аиво Орав подвлече дека пораките во Извештајот на ЕК, кој содржи шеста по ред препорака за почнување на преговорите, се јасни и се предадени на власта, на опозицијата, на граѓанскиот сектор, како и на земјите членки на ЕУ. Тој со оценка, дека, пред се, е потребно обновување на политичкиот дијалог.

- Бидејќи постојат различни толкувања за оваа препорака во изминатите денови,  прашањето е што треба да се прави сега? Нема време и сите овие точки кои предизвикуваат загриженост треба веднаш да се решаваат, треба да се занимавате со независноста на судството, независноста на медиумите. Потребно е време, но политичкиот дијалог е прашање што може да се реши брзо. ДПА ќе се врати во Парламентот и ние го поздравуваме тоа. Се надеваме дека и СДСМ ќе ги видиме тука што е можно поскоро и дека Владата и опозициските партии ќе почнат конструктивен дијалог во следните денови. Ова е основата на Извештајот за напредокот, рече Орав.

Потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграции Илија Димовски, пак, потенцира дека жали што РМ станува рекордер по бројот на препораки и оцени дека ќорсокакот, кој што и е наметнат на земјата не е внатрешен, туку надворешен и е базиран на надворешни фактори, посочувајќи на спорот за името. Извештајот, нагласи, треба реално да се гледа и да не се користи како алатка за политичка пресметка во државата или во меѓународен контекст, додавајќи дека владејачките партии се подготвени веднаш да седнат на маса со опозицијата за надминување на несогласувањата.  

- Нема потреба да влегуваме во дополнителни објаснувања, анализи за Извештајот, треба да го прифатиме како таков, да направиме наша агенда со задачи и обврски, вклучително и на Собранието и на НСЕИ и на Владата, и да постапуваме врз база на тие приоритети. Овој Извештај ќе биде еден од клучните документи по кои што РМ ќе ги утврдува своите приоритети во оваа и следната година, рече Димовски.

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски, меѓу другото, подвлече дека парадоксот и на овој Извештај со шеста по ред препорака е оти нема надеж дека таа на декемврискиот Совет на ЕУ ќе биде преточена во политичка одлука за датум за почнување на преговорите, што според него, го нагризува ентузијазмот за ЕУ-интеграциите во македонското општество и влијае на кредибилитетот и на процесот на проширување и на ЕК. До опозицијата, пак, ја повтори пораката дека местото и е во Парламентот.

- Се надевам дека нема да има потреба од уште еден извештај за опозицијата да сфати дека нејзиното место е во Собранието, како што власта сфаќа дека одговорноста е наша и дека сите оние препораки кои треба да ги испочитуваме ние ќе ги направиме на најдобар можен начин колку што умееме и имаме капацитет, рече Милопоски.

Според Нора Алити од ДУИ, заменик претседател на Комисијата за европски прашања, иако можноста за уште едно дежаву во декември од страна на Советот на ЕУ во однос на датум за преговори е сосема реално, тоа не треба да биде оправдание за демотивирање во однос на реформите. Таа смета дека недобивањето датум за почнување на преговори во декември не е прашање на земјите членки на ЕУ, туку е прашање на Македонија .

- Развојните стратегии за приближување на стандардите на ЕУ ги надминуваат мандатите на владите и затоа Собранието на РМ треба да испрати јасни сигнали дека големите реформи од сега натаму ќе се прават со дијалог и консензус со опозицијата, односно без нејзино занемарување, вели Алити.

Солза Грчева како пратеничката од опозицијата, ја оспори посветеноста на власта на реформите за ЕУ-интеграцијата на земјата, посочувајќи на неодамна донесените измени на Законот за енергетика и отпочнувањето на уставните измени, од кои дел, според неа се спротивни на европските вредности. Одговорноста за возобновување на политичкиот дијалог, вели е на сите инволвирани.

- Она што се случи со опозицијата и нејзиното невлегување може да се толкува и како нејзина крајна фрустрација од однесувањето на власта во сите овие години кон неа. Не го оправдувам тоа реагирање, сметам дека местото и е во институциите, меѓутоа ја разбирам таа голема фрустрација. Независно, треба да се седне, да се разговара и докалогот да се откочи во интерес на граѓаните на Македонија, рече Грчева.

Професот Димитар Мирчев, оцени дека за да се надминат различните гледања на Извештајот на ЕК потребно е да се направи компаративен преглед на сите досегашни извештаи за земјата, бидејќи се кумулативни и ги содржат сите претходни позитивни оценки. Има потреба и од квантификација на реформите.

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, пак, кој ги презентираше оценките во Извештајот, нагласи дека е битно да се направи квантитативна анализа за досегашниот напредок на земјата од 2009 година наваму. Според проценките на СЕП, статистички споредено со другите земји, од 33 поглавја Македонија годинава има просек од 2,82 во распон од 1 до 5 и е на повисоко ниво од нив, што е вели индикатор на постевноста на земјата на реформите. 

МИА

14.10.2014 - 15:46


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега