Во Македонија нема индикатори што би укажувале на какви било терористички акти

Припадници на разузнавачки и безбедносни служби на сите држави од поширокиот регион, но и од Велика Британија, Франција, Австрија, Унгарија, Чешка, Полска, Италија, Малта, како и на три меѓународни организации, во Охрид зад затворени врати одржуваат конференција на која се бараат начини да се спречи верскиот радикализам кај младите и нивното приклучување во борбите во Сирија и во Ирак.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска собирот во Охрид го оцени како исклучителна можност за размена на информации на безбедносните служби кои постапуваат по прашањата што се од највитален интерес за секоја држава, односно националната безбедност.

- Исклучително успешна оттаму што претставници на 20 служби задолжени за националната безбедност и три меѓународни организации зедоа активно учество преку споделување информации, методологија на работа и дискусии по клучните предизвици со кои се соочува светот, нагласи таа.

Во врска со темата и проблематиката дискутирана на собирот, Јанкулоска укажа на поинаквиот пристап применет во разговорите оттаму што, како што рече, ретко кога јавноста дискутира прашања што се поврзани со превенцијата, а се поврзани со националната безбедност.

Особено внимание било посветено на проблемот на радикализација, пред се на младите луѓе, и превентивните активности кои мора да ги има пред се семејството, а потоа и образовните институции, институциите од областа на социјалната заштита и општеството во целина во функција на сузбивање на таквите појави, како и благовремено реагирање односно превенирање.

-  Евидентно е дека не само земјите од регионот, туку и светот во глобални рамки во последниот период се соочува со предизвици непознати во минатото, како прашањата поврзани со злоупотреба на религијата преку екстремна радикализација која води кон насилство и тероризам, тоа се прашања за кои ние сме неопходно упатени едни на други, како во смисла на размена на информации поврзани со националната безбедност, така и во насока на координирани активности за спречување и сузбивање на таквите појави, нагласи Јанкулоска.

Според Јанкулоска, голем дел од дискусиите настојувале да дадат одговор на чекорите што секоја држава, но и регионот и светот глобално мора да ги преземе за превенирање на таквата радикализација и злоупотреба на религијата, во насока на прибегнување кон насилство и терористички акти во крајна линија.

- Можам да констатирам дека овие средби, презентации и дискусии беа искористени за продлабочување на меѓусебните контакти и односи, во функција на брза и благовремена размена на информации што ги поседуваат државите, оттаму што навремената размена на точни имформации е нешто што најмногу може да помогне кога станува збор за националната, но и безбедноста генерално, појасни таа.

Тони Јакимовски, националниот координатор за борба против тероризмот, укажа на активностите што се преземени во Република Макеоднија за справување со таквите безбедносни предизивици, не само преку координација на службите и секојдневна будност, туку и во смисла на зајакнување на правната рамка со која се одредуваат  и санкционираат активистите во какви било паравоени формации во странство.

-  МВР и Управата за безбедност и контраразузнавање интензивно работат на детектирање и спречување лица кои одат во кризните региони. Во Македонија се уште нема индикатори што би укажувале на какви било терористички акти, но остануваме будни и работиме во насока да не се дозволи каква било активност од тој вид, рече Јакимовски.

За случаите на македонски државјани што одат на боиштата во Ирак и Сирија, посочи дека во најголем станува збор

за лица што го користат правото на легален тримесечен престој во Турција, оттаму да се префрлаат на боиштата во Ирак и Сирија, со обиди тоа да не го злоупотребат за да можат тоа да го прават и во иднина.

- Мислам дека одиме кон намалување на интензитетот на таквите случаи и сметам дека доколку успееме да го намалиме радикализацијата тука, ќе успееме да го намалиме и бројот лица од Македонија кои одат на боиштата. Измените во Кривичниот законик ни даваат можност да се санкционираат, како регрутерите на борци, оние кои пропагираат такви активности така и сите оние што учествуваат во странски војски, полиции паравоени формации, додаде тој.

Состанокот во Охрид се одржува во организација на Управата за безбедност и контраразузнавање на Република Македонија, како активност во насока на размена на искуствата и начините на кои државите учесници се справуваат со радикализмот на своја територија и превентивните и репресивните мерки што се применуваат во борбата против џихадизмот. 

МИА

14.10.2014 - 15:24


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега