УНЕСКО го прогласи регионот „Охрид – Преспа“ за Прекуграничен биосферен резерват

Регионот „Охрид – Преспа“ денеска во албанскиот град Корча беше инаугуририан како 14-тиот по ред светски Прекуграничен биосферен резерват заштитен од УНЕСКО.

На свеченоста во присуство на високи владини преставници, на парламентите на двете држави, на општините што гравират во регионот Охрид - Преспа, на ЕУ и на дипломатскиот кор, преставници на Националните комисии на УНЕСКО им ги предадоа сертификатите за прогласување на Прекуграничниот резерват на министрите за животна средина на Република Македонија и на Република Албанија, Нурхан Изаири и Лефтер Кока.

Главната цел и предизвик на Прекуграничниот резерват ќе биде развојот на одржливо користење на природните ресурси во полза на локалното население, базиран врз напорите на локалните заедници и рационалноста на науката.

- Биосферниот резерват претставува нова форма на заштита на УНЕСКО, во која човекот е ставен во прв план, но тоа воопшто не значи дека заштитата на биосферата е второстепена, туку се работи на заштита на природните ресурси преку изнаоѓање баланс меѓу економскиот развој и заштитата на животната средина, истакна заменик-министерот за животна средина Стево Темелкоски.

Тој додаде дека Биосферниот резерват отвора врата преку која се воспоставуваат меѓусебните врски меѓу општините, каде во прв план избива економскиот развој, како преку брендирање разни производи од регионот, така и развој на туризмот со кои ќе се излезе на европскиот пазар.

На централната улица во Корча во рамки на активностите предвидени за поддршка на туристичката промоција и значење на Биосферниот резерват се одржа и саем на земјоделски производи, ракотворби, локални специјалитети карактеристични за областа опфатена со Биосферниот резерват

Новиот прекуграничен биосферен резерват Охрид – Преспа ги опфаќа сливните подрачја на Охридското и Преспанското Езеро, со површина од 446.244 хектари, територија која припаѓа на албанскиот и македонскиот дел од сливното подрачје на двете езера. На територијата на резерватот живеат околу 450 илјади жители, во 26 единици на локална самоуправа на албанска и шест на македонската страна.

Номинацијата на резерватот за заштитена зона на УНЕСКО беше одобрена на Меѓународниот совет на УНЕСКО за програмата „Човек и биосфера“ МАБ,  одржан на 11 јуни годинава во шведскиот град Јончепинг.

13.10.2014 - 18:56


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа