Министерот Ивановски се сретна со генералниот секретар на Советот на Европа

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денеска во Стразбур, придружуван од амбасадарот на Република Македонија при Советот на Европа, Петар Поп Арсов, оствари средба со Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

На средбата, како што дознаваме, се разговарало за повеќе прашања: медиумите, владеењето на интернетот и реформите на администрацијата во Република Македонија.

Генералниот секретар на Советот на Европа и се заблагодарил на македонската влада за „одличната соработка“ која таа го имала со експертот на Советот на Европа при донесувањето на законите поврзани со медиумите и аудио-визуелни медиумски услуги.

Оваа соработка ја истакна како позитивна и министерот Ивановски, бидејќи таа дозволила како што рече тој  „донесување на два доста солидни закони, за кои и во самиот извештај на Европската Комисија е поздравен нивниот начин на носење, бидејќи имаше голем  број јавни дебати и расправи.“

Во разговорот меѓу Министерот Ивановски и Генералниот секретар Торбјорн Јагланд посебно станало збор за проблематиката која е поврзана со информативното општество, медиумите  и посебно владеењето на интернетот во кој Советот на Европа е многу ангажиран.

- Со генералниот секретар бевме дел од едно високо тело кое шест месеци работеше на предлог за нов модел за владеењето на интернетот. И од таму ги направивме првите лични контакти кои резултираа со денешна средба во Советот на Европа. Во однос на владеењето на интернетот Македонија е предводник во регионот и пошироко, тоа го покажува и првата регионална конференција која ја имавме пред неколку недели на која учествуваа повеќе министри. Ќе продолжиме да соработуваме со Советот на Европа“ – рече Ивановски.

Притоа тој бил запознат дека под закрила на Советот на Европа ќе биде отворена  платформата за медиумите и новинарите, која на почетокот ќе биде на англиски и француски, јазик, на која шест органзиации ќе можат да објавуваат објективни проверени информации.  Во тој контекст македонскиот министер му предложил на Генералниот секретар на Советот на Европа таа платформа да  се прошири на повеќе јазици на земјите членки на Советот на Европа, вклучувајќи го и македонскиот, ова преку активно вклучување на македонските новинари.

Во разговорот биле опфатени и човековите права и слободата на информирање, при што произлегла заедничка инцијатива, каде Советот на Европа и Република Македонија во блиска иднина ќе органзираа заедничка конференција во Република Македонија за владеењето на интернетот, човековите права, слободата на изразување и заштитата на личните податоци.

13.10.2014 - 17:21


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега