Прекршочна за аџиите ако секој ден не се јавуваат на лекар

Над 200 македонски аџии веќе се вратија во земјата по аџилакот во Саудиска Арабија. Сите тие на граничниот премин Деве Баир добиле решение за здравствен надзор. Имаат законска обврска во период од 7 дена секој ден да одат во центарот за јавно здравје во градот кај што живеат. Уште првиот ден им земаат капка густа крв за проверка од маларија. Доколку некој од нив во овој период не отиде во Центарот, добива прекршочна пријава од Државниот здравствен и санитарен инспекторат и оди на суд, јавува Здравство24.
Но надзорот не завршува тука. Засилените и ригорозни контроли за еболата предвидуваат и други мерки. Во центрите им земаат телефонски број и се под лекарска контрола до 21 ден.

Наредната недела по воздушен пат ќе пристигнат уште 235 аџии. На аеродромот Александар Велики сите ќе поминат покрај термалната камера која сигнализира доколку некој има покачена температура. На истата камера поминуваат и патници од ризичните земји каде има ебола. Освен студентите од Нигерија од кои еден беше и во карантин на Инфективна, имало уште еден случај на следење на патник кој пристигнал од Сенегал. Во Нигерија во моментот има и двајца македонски работници. Здравствените власти велат дека навремено ќе добијат информација кога треба да се вратат во Македонија.

12.10.2014 - 12:43


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега