Македонски средношколци работеа како европарламентарци

Осумдесет ученици и 20 професори од дваесет средни училишта во Македонија учествуваа на петтата национална симулација на Европскиот парламент, која се одржа од 3-ти до 5 октомври во организација на Меѓународното училиште НОВА  и со поддршка на ЕУ Инфоцентар, „Веропулос“ и Град Скопје.

Учествуваа ученици од средни училишта од Скопје, Гевгелија, Прилеп, Струмица, Велес, Куманово, Штип, Тетово, Битола, Охрид и од Крушево. Тие се дел од МЕП-клубовите во матичните училишта каде што учат за функционирањето на Европската унија и нејзините институции. 

- Сите учесници на симулацијата, претставувајќи различна земја-членка на ЕУ, разговараа за теми што моментно се мошне актуелни во Унијата, но и во Македонија како земја со кандидатски статус за членство. Во текот на симулацијата учениците држеа говори, дебатираа и пишуваа резолуции за прашањата за кои дискутираа. Најдобрите петмина ученици ќе имаат можност да ја претстават Република Македонија на Меѓународната симулација на Европскиот парламент во Луксембург во ноември годинава, соопшти НОВА. 

На последниот ден се одржа симулација на Генералното Собрание на Европскиот Парламент во просториите на Градското Собрание на Град Скопје. Главни гости-говорници  беа амбасадорите на Италија и на Велика Британија, Ернесто Масимино Белели и Чарлс Едмунд Гарет,  директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитров и директорот на Гимназијата НОВА Виктор Новаковски.

07.10.2014 - 11:45


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега