Невремето во кривопаланечко направи хаос - штетите 570.520 денари

 

Штетите на уништените култури од невремето со град на 21 август годинава во Криволанечко изнесуваат 570.520 денари, покажува елаборатот за утврдена проценка на штетите на недвижен имот, што го усвои Советот на Општина Крива Паланка.  

Комисијата за утврдување и проценување на штетите настанати од врнежите од град кои ги зафатија катастарските општини Габар, Осиче, Подржикоњ и Добровница по увидот на терен констатирала дека се направени штети на градинарски, житни и овошни култури, како и на лимените капаци на сандаците за пчели.

Најголема штета е утврдена во месната заедница Добровница каде износот на уништени средства и култури е проценет на 367.820 денари, додека во месната заедница Габар уништените култури се проценети на 121.400 денари, во Осиче 41.700 денари и во Подржикоњ 39.600 денари.  

Проценката на штетите е направена на оштетени и уништени средства на овоштарници и градинарски култури на физички лица кои поднеле барања за утврдување штети од елементарни непогоди. Вкупниот приход на сите пријавени култури кои се оштетени изнесува 779.100 денари.

07.10.2014 - 11:39


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега