Стопанствениците имаат можност одблизу да се запознаат со новите факултетски лаборатории

Лабораториите кои преку проектот на Владата на РМ се инсталирани на јавните научни и високоообразовни установи ќе бидат презентирани пред претставници на стопанството од денеска до 13 октомври, за тие да се запознаат со услугите кои лабораториите им ги нудат.

Презентациите ќе се  организираат во соработка меѓу факултетите, стопанските комори и Текстилно-трговското здружение. Во десетте дена  ќе бидат презентирани услугите на 13 лаборатории инсталирани на факултетите во Скопје, Штип и Тетово, кои можат да вршат апликативни и истражувачки дејности во повеќе области за кои има интерес од компаниите, како градежнишво, текстилна индустрија, информатика, телекомуникации, животна и работна средина...

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска на прес-конференција ги покани сите заинтересирани компании. Јавните презентации на лабораториите со апликативна дејност ќе почнуваат во 12 часот, а нивниот распоред по датуми и описот на услугите на секоја лабораторија ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за образование и наука и во печатените медиуми.

- Лабораториите се набавени со цел да бидат достапни и за студентите и за индустријата и затоа побаравме да бидат акредитирани и поголем дел веќе се акредитирани. Побаравме и цените на анализите што ги прават да бидат прифатливи. Досега ефектите се позитивни и се надевам дека ќе бидат користени и за научно-истражувачка и за апликативна дејност, рече Адеми.

Досега се опремени повеќе од 80 лаборатории за што Владата одвои 1,6 милијарди денари. Нивните услуги се по  пониски цени отколку во странство каде што до пред неколку години беа и единствено достапни.

03.10.2014 - 14:55

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа